Андоновски на клупата на светските шампионки, фудбалерките на САД

80
Влатко Андоновски и Меган Рапино

Во Њујорк, Македонецот Влатко Андоновски денеска треба официјално да биде назначен за нов селектор на женската фудбалска репрезентација на САД, актуелниот и четирикратен светски првак.

Андоновски (43), кој во саботата беше прогласен за тренер на годината во националната женска фудбалска лига на САД, последните две сезони беше тренер на Реин од Такома, во близината на Сиетл, а претходно на Канзас сити, со кој освои две титули првак на САД, во 2014 и 2015 година.

Повеќе американски медиуми објавија дека Андоновски е најпосакуваниот избор на голем дел од актуелните репрезентативки, на чело со капитенката Меган Рапино, која ја тренираше во Реин.
Првите официјални натпревари на Андоновски во улогата на селектор ќе бидат идниот месец, кога САД ќе им бидат домаќини на Шведска и на Костарика, на 7 и 10 ноември, последни натпревари од 2019 година.

Андоновски доаѓа на местото на Џил Елис, која, на изненадување на многумина, се повлече по освојувањето на титулата светски првак во Франција летово. Елис со САД беше светски првак и во 2015-та и како селектор има импозантен биланс, 106 победи, 19 ремија и само 7 порази.

Андоновски е роден скопјанец, своевремено десетина години поминал во младинската школа на Вардар, потоа настапувал за неколку клуба, за Скопје, Работнички, Цементарница, Македонија ЃП. Во 2000 година заминал за САД, каде што играл мал фудбал, најмногу за Канзас сити, потоа во Калифорнија и во Филаделфија.