Андоновски денеска ќе дебитира како селектор на САД

83
Влатко Андоновски

Влатко Андоновски денеска на пријателскиот натпревар против Шведска во Колумбус, Охајо ќе дебитира како селектор на женската фудбалска репрезентација на САД, актуелниот светски првак. Андоновски (43), кој е роден во Скопје, пред десетина дена беше назначен за селектор на САД, на местото на Џил Елис, која поднесе оставка откако освои две титули светски првак едноподруго, во 2015 и во 2019 година.
Американките ја совладаа Шведска со 2-0 во групната фаза на СП 2109 во Франција.

САД имаат скор од 22 победи, 11 ремија и шест порази во дуелите против европски репрезентации. Во тимот на Андоновски поради повреди ќе недостигаат пет фудбалерки што ја освоија светската титула во Франција. Тоа се Кели О’Хара, Али Кригер, Кристал Дан, Тирна Дејвидсон (одбрана), како и капитенката, Меган Рапино (напад). Ќе ја нема и Алекс Морган, која е бремена и го очекува првото дете. Во селекцијата на САД ќе бидат 17 фудбалерки што настапија на СП, како и три дебитантки, голманката Обри Бледсо, и дефанзивките Алана Кук, која игра за ПСЖ и Имани Дорси.

– Сакам да ги уверам сите што беа во тимот на СП дека ќе имаат можност да работат со мене, за да ми дадат можност да ги видам и да проценам во каква форма се во моментов. Но во исто време мислам дека е клучно да им дадеме шанса и на играчите, кои беа одлични во нивните тимови сезонава и заслужуваат да добијат шанса во репрезентацијата. Сакавме да додадеме играчи што не беа на СП, и со тоа да ја зголемиме конкуренцијата – вели Андоновски.