Андонова со Барселона атакува на европската титула

63

Во денешното финале во Будимпешта, Барселона се среќава со бранителот на титулата и петкратен шампион, француски Лион

Македонската интернационалка, Наташа Андонова, ќе биде дел од денешното финале во женската фудбалска Лига на шампионите (ЛШ). Нејзиниот тим Барселона ќе се сретне со француски Лион, на арената „Групама“ (стадион на Ференцварош, 18 часот). За Барселона ова е прво финале во клупската историја и прво за една шпанска екипа. За Лион, пак, актуелниот и петкратен европски првак, кој ќе атакува на четвртата титула во низа, ова е осмо финале во последните 10 сезони.

За македонските љубители на фудбалот овој меч е интересен поради капитенот на македонската репрезентација, Наташа Андонова (25), која со успех го носи дресот на Барса, како играч на средината од теренот и во нападот. Андонова беше во редовите на ПСЖ во 2017-та, кој загуби од Лион во финалето (на пенали), што значи дека ова е шанса за реванш и за освојување на првата титула.
Андонова ја започна интернационалната кариера во германскиот Потсдам во 2011-та и таму мина четири сезони. Потоа во 2015-та се пресели во шведскиот Розенгард каде што настапуваше до 2017-та. Краток, шестмесечен период, настапуваше за ПСЖ, а оттаму во летото 2017-та се пресели во Барселона во која е стандардна во најдобриот состав.

Лион го сметаат за најдобар женски фудбалски тим на светот и важи за фаворит за освојување нов трофеј, како поради искуството, така и поради квалитетот. Тие ја имаат Норвежанката Ада Хегерберг во нападот (сезонава даде 28 гола на 23 меча), добитничката на „златната топка“ за најдобра светска фудбалерка во 2018-та година, а беше дел од тимот на Лион што ја освојуваше титулата во последните три години. Во одбраната доминира капитенот Венди Ренар, која е рекордерка со 81 меч во ЛШ и заедно со Сара Бухади и Ежени Ле Сомер има освоено пет европски титули. Ренар и Бухади настапија во сите седум европски финалиња на Лион!