Андонова е пред пласман во финалето на ЛШ

101
Андонова во акција

Барселона на македонската репрезентативка Андонова го победи на гости Баерн со 1-0 во првиот меч од полуфиналето на Лигата на шампионите за жени. Реваншот е в недела во Барселона

Наташа Андонова со Барселона е на чекор до пласман во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) за жени. Шпанскиот тим во првиот меч од полуфиналето на гости го совлада германскиот Баерн со 1-0, со голот на Французинката Кеира Хамаруи во 63. минута.

За пласман во финалето тимот на македонската фудбалска репрезентативка ќе игра против Баерн в недела, дома. Во второто полуфинале актуелните првенки, фудбалерките на француски Лион, дома го победија Челси од Англија со 2-1.

Лигата на шампионите за жени се игра од сезоната 2001/2002, а Лион е најуспешната екипа, со пет титули (три во низа од 2016 година), а има и уште два настапа во финалето. Барселона, Баерн и Челси не биле европски прваци, ниту, пак, играле во финалето.

Барселона беше полуфиналист и во сезоната 2016/2017, Баерн сезонава со пласманот во полуфиналето го направи најголемиот клупски успех, а Челси играше во полуфиналето и во минатата сезона.
Финалето сезонава е предвидено за 18 мај во Будимпешта. 


ПОЛУФИНАЛЕ
Баерн – Барселона 0-1
Лион – Челси 2-1
реваншите се в недела
ДОСЕГАШНИ ПРВАЦИ
Лион (Франција) 5
Франкфурт (Германија) 4
Умеа (Шведска) 2
Турбине (Германија) 2
Волфсбург (Германија) 2
Арсенал (Англија) 1
Дуизбург (Германија) 1