Англија може да испадне, но и да триумфира во Лигата на нациите!

150
Момент од мечот Хрватска-Шпанија

Победникот во утрешниот меч на „Вембли“, Англија – Хрватска, ќе ја обезбеди првата позиција во групата, но во случај на реми, Шпанија ќе биде прва

Светскиот вицепрвак Хрватска ја совлада Шпанија со 3-2 во судиското продолжение, со што дополнително се искомплицира ситуацијата во групата 4, лига А, во Лигата на нациите (ЛН). Трите репрезентации, Англија, Хрватска и Шпанија, имаат шанси за освојување на првата позиција, односно постојат неколку варијанти. Победникот од утрешниот меч на „Вембли“, Англија – Хрватска, ќе се пласира на финалниот турнир во јуни 2019 година, на кој ќе се решава за првиот победник во ова натпреварување, што води и во завршницата на Европското првенство (ЕП) во 2020 година. Но во случај на нерешен исход во Лондон, Шпанија ќе биде победник во групата. Доколку нема голови на „Вембли“, Хрватска како третопласирана би испаднала во лигата Б, а за Англија, пак, ремито со голови ќе значи преселба во понизок ранг.

Во групата 4, лига А, Белгија го совлада веќе испаднатиот Исланд со 2-0 и има предност од три бода пред Швајцарија, на која ѝ гостува в недела.
Во лигата Б, група 3, Австрија и БиХ ремизираа во Виена (0-0), а тој бод на Босанците, кои немаат пораз досега, им обезбеди пласман во повисок ранг, во лигата А и во плејофот. Северна Ирска испадна во лигата Ц.

Во лигата Д, група 1, Белорусија во решавачкиот дуел забележа победа на гости над Луксембург (2-0), што значи дека в недела им е доволно и реми против Сан Марино за освојување на првата позиција.

Преку ЛН пласман на завршниот турнир на ЕП 2020 ќе обезбедат четири репрезентации, победниците во плејоф-пресметките од четирите лиги. Победниците во групите во пониските лиги (Б, Ц и Д) ќе се пласираат во повисок ранг во следниот циклус натпревари, 2020/2021, а последнопласираните ќе испаднат во понизок ранг, освен од лигата Д.