Англија – менаџерите им го отстапуваат местото на тренерите?

155
Tренерот Емери го наследи менаџерот Венгер

Во новата сезона во Премиер-лигата ќе има шест први тренери и 14 менаџери. Но, додека имињата на улогите можеби се различни, постои перцепција дека сите шефови, менаџер или прв тренер, се оддалечуваат од „семожниот надзорник“, кој ги надгледува сите аспекти во еден клуб, пишува во статијата на Би-би-си

Кога Шпанецот Унаи Емери беше ангажиран од англискиот фудбалски премиерлигаш Арсенал во мај, тој ја доби титулата прв тренер. Во претходните 22 години Французинот Арсен Венгер беше познат како менаџер на клубот од северен Лондон.

А кога Италијанецот Маурицио Сари го замени Антонио Конте во Челси неодамна, тој само ја наследи титулата прв тренер од сонародникот. Сари и Емери ќе бидат двајца од вкупно шестемина први тренери во 20-те премиерлигаши сезонава.
Но, додека имињата на улогите можеби се различни, постои перцепција дека сите шефови, менаџер или прв тренер, се оддалечуваат од „семожниот надзорник“, кој ги надгледува сите аспекти во еден клуб, пишува во статијата на Би-би-си.

Поранешниот одбранбен играч на Манчестер јунајтед, Гери Невил, целата кариера играше под раководство на Алекс Фергусон како менаџер на клубот од „Олд Трафорд“. Но, кога Невил го постави Греам Александер на чело на првиот тим во неговиот клуб, Салфорд сити, тоа го направи со идеја за модерен фудбалски шеф.

– Просечното време на тренер во еден клуб на највисоко ниво сега е 13 месеци. Но, клубовите мора да размислуваат за периоди од четири години, а не за 13 месеци. Ако го менувате менаџерот секои 13 месеци тогаш морате да осигурите некаква стабилност – вели Невил, кој четири месеци беше прв тренер на Валенсија.

Во што е разликата? Кога Маурицио Почетино го продолжи договорот со Тотенхем во 2016 година, неговата титула се смени од прв тренер во менаџер.
– Се согласивме дека тоа ќе биде добро за мене, за клубот, за сите. Точно е дека зборот менаџер значи друго отколку прв тренер. Можеби и сум бил менаџер од првиот ден и можеби подобро ја опишува мојата работа – вели Аргентинецот.

Титулата прв тренер имплицира дека некој друг во клубот е задолжен за ангажирање фудбалери и за трансфери. Дел од разочарувањето на Конте било тоа што тој имал перцепција дека има ограничена улога, вели Би-би-си. Венгер ги спречи мешањата во Арсенал, но Емери нема да ја има таа автономија, откако поранешниот директор во Барселона, Раул Санлехи ја има титулата „раководител за фудбалски релации“.
Дури и кај некои клубови што имаат менаџери, како Вест хем и Евертон со Мануел Пелегрини, односно со Марко Силва, уште постои синџир на одговорни кога станува збор за трансфери.

Како поранешен фудбалер, менаџер, сопственик на клуб и ученик, Невил сака што е можно повеќе информации според модерниот начин на кој се раководи во фудбалот. Официјалната титула на Александер е менаџер, но Невил не ја гледа таа улога во традиционалниот формат.

– Ако некој е вклучен во тренирањето на тимот секоја минута во денот, размислувајќи за тоа кој тим да го состави, па за следната тренинг-сесија и за ситуациите со играчите кои треба да ги разрешува секоја обична недела, како тој може да размислува за нови играчи или за тоа кој ќе дојде следната сезона. Не може. Во моделот со прв тренер, тие секако имаат место на масата кога се разговара за нови фудбалери. Тие треба да се сигурни дека новите фудбалери би ги исполниле критериумите, вредностите и принципите што тие сакаат да ги спроведат – вели Невил.


ПРВИ ТРЕНЕРИ ВО ПРЕМИЕР-ЛИГАТА
Арсенал            Унаи Емери
Челси                Мауриѕио Сари
Фулам               Славиша Јокановиќ
Хадерсфилд      Дејвид Вагнер
Вотфорд           Хави Грасија
Вулверхемп.     Нуно
Извор: Би-би-си