Англија игра за реприза, Хрватска за чекор напред

121

За Англичаните победата во вечерашниот полуфинален меч ќе значи второ финале на СП, по она во 1966-та, а прво би било за Хрватите, кои во полуфинале играа и на СП 1998, кога загубија од Франција

Помалку неверојатно, но секако заслужено, Англија и Хрватска вечерва (стадион „Лужники“, Москва, 20 часот) го играат второто полуфинале на Светското првенство (СП) во Русија. За Англичаните победата ќе значи второ финале на СП, по она во 1966 година, кога ја освоија единствената титула, а за Хрватите прв пласман во едно финале.
Англичаните без проблеми ја поминаа групната фаза, а потоа во нокаут-мечевите ги елиминираа Колумбија (на пенали, 4-3, 1-1) и Шведска (2-0). Хрватите беа уште поубедливи во својата група забележувајќи три победи, а потоа по подоброто изведување пенали ги совлада Данска (3-2, 1-1) и Русија (4-3, 2-2) и го повторија успехот од СП 1998, кога играа во завршницата и на крајот беа трети. Процените се дека Англија е во мала предност поради тоа што четвртфиналниот меч го добија во регуларните 90 минути, за разлика од Хрватите, кои во рок од шест дена одиграа двапати по 120 минути и потоа изведуваа пенали.

Селекторот на Англија, Герет Саутгејт нема поголеми проблеми со заморот, со физичката подготвеност или повреди на своите избраници, но затоа има некои тактички дилеми пред овој дуел. Една од дилемите е дали да не смета на некој од офанзивците од средниот ред, Џеси Лингард, Рахим Стерлинг или Деле Али, и да му даде шанса на Ерик Диер, кој е подефанзивен играч за да помогне да се запре Лука Модриќ? Способноста на Хрватите да ја држат топката во свој посед и да го диктираат темпото на играта би требало да биде голем тест за Англичаните.

Двете земји имаат интересна фудбалска историја, меѓу себе одиграа седум натпревари по осамостојувањето на Хрватска во 1991 година. Англија ја совлада Хрватска на Европското првенство (ЕП) во 2004 година со 4-2, во единствениот меч на едно големо натпреварување. Една од најпознатите средби беше одиграна во ноември 2007 година, кога Хрватска на „Вембли“ победи со 3-2 и ја спречи Англија да се пласира на ЕП 2008. Последните две средби завршија со убедливи победи на Англија, 4-1 и 5-1, што за избраниците на Саутгејт може да биде некакво олеснување, па и одреден стимул.


Хрватска е домаќин, но ќе игра со „гостински“ дрес

Најавите се дека Хрватите иако номинално се домаќини, и на овој меч ќе ги носат алтернативните црно-сини дресови со црни гаќички, додека Англичаните ќе бидат целосно во бела комбинација. Хрватите „главната“ црвено-бела комбинација дресови ја носеа само на премиерниот меч против Нигерија, но потоа, откако забележаа четири победи едноподруго повторно се решија за истата комбинација. Англија, пак, беше во комплетно црвена боја против Тунис, Колумбија и против Шведска, а со бели дресови и со сини гаќички против Панама и против Белгија. Во полуфиналињата на СП 1966 и 1990 година, Англичаните носеа бели дресови. 


Мечот на ТВ и преку Интернет ќе го гледаат над 40 милиони Британци?

Се очекува вечерашниот натпревар преку ТВ-екраните да го проследат над 37 милиони гледачи во Велика Британија, од кои најмалку 26 милиони ќе бидат Англичани. На таа бројка треба да се додадат околу три милиони дополнителни, обични гледачи, меѓу нив и децата, кои ќе проследат само делови од мечот. Околу четири милиони мечот ќе го гледаат преку Интернет, а уште четири милиони ќе бидат пред екраните во 40.000 паба низ Англија.
Тоа ќе биде рекордна бројка кога станува збор за фудбалски меч, поголема од 32,3 милиони, кои го гледале финалето Англија – Германија во 1966 година. Потоа втората рекордна гледаност е забележана на финалето на СП 1970 во Мексико (28,5 милиони) и на затворањето на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2012-та (24,5 милиони). Од нефудбалските и други спортски настани во Велика Британија најгледан е погребот на принцезата Дијана (32,1 милиони) во 1996 година.