Англичаните ќе играат со „наследни броеви“ на натпреварот со Црна Гора

83

Како дел од прославата на 1.000-от меч на Англија, сите што ја претставувале таа селекција во изминатите 147 години ќе имаат свој наследен број на дресот, почнувајќи од голманот на првиот натпревар, па до засега последниот, Тајрон Мингс, како 1.244-ти

Фудбалерите на Англија ќе носат т.н. „наследни броеви“ на дресовите на 1.000-от натпревар на таа репрезентација, на дуелот против Црна Гора, на 14 ноември во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година. Сите играчи што ја претставувале Англија во изминатите 147 години ќе имаат свој единствен број, почнувајќи од голманот на првиот меѓународен натпревар, Роберт Бејкер, со број еден, па до засега последниот, Тајрон Мингс, како 1.244-ти.

На стадионот „Вембли“ ќе присуствуваат поранешни капитени и преживеани членови на шампионскиот тим од Светското првенство (СП) во 1966 година. Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија соопшти дека наследните броеви ќе бидат испечатени под националниот грб за што е добиена дозвола и од Европската фудбалска унија (УЕФА). Бројките ќе се пишуваат и на следните натпревари, но од внатрешната страна на јаката.

Селекторот Герет Саутгејт, кој настапуваше за Англија од 1995 до 2004 година и ќе го има бројот 1.071, рече дека бројките „ја опфаќаат историјата“ на репрезентацијата.
– Секогаш разговараме со играчите за грбот на дресот и за тоа како и ние сме мал дел од таа историја. Има толку многу фудбалери што играле порано и играчи што ќе играат во иднина. Важно е да го почитуваме дресот и да го оставиме на подобро место и во подобра состојба од таа во која сме го нашле. Да се биде дел од тој меч е многу возбудливо, особено ако се има предвид дека некои од поранешните славни играчи ќе бидат таму – рече Саутгејт. Репрезентативците на Англија во крикет, исто така, носат наследни броеви на своите дресови како хронолошки запис за нивниот прв настап.