Англиските тимови и Реал Мадрид водат на осминафиналната листа

104

Од сезоната 2003/2004, откако се игра овој формат на ЛШ, најмногу пати во осминафиналето се пласирале екипите од Англија, вкупно 59 пати, пет повеќе од тие од Шпанија, а од клубовите рекордер е Реал Мадрид со 17, Баерн има 16, Арсенал и Челси по 14, итн.

Англија со 59 настапи на нејзините фудбалски тимови во осминафиналето во Лигата на шампионите (ЛШ) и шпанскиот гигант Реал Мадрид со 17 пати играње меѓу 16-те најдобри тимови во една сезона во елитното клупско натпреварување на Сариот Континент се рекордери на таа необична осминафинална листа.
Во осминафиналето сезонава најмногубројни се тимовите од Англија и од Шпанија, со по четири претставници, и тоа Ливерпул, Манчестер сити, Тотенхем и Челси, односно Реал Мадрид, Барселона, Валенсија и Атлетико Мадрид.

По три во осминафиналето има од Италија (Јувентус, Наполи и Аталанта) и од Германија (Баерн, Борусија Дортмунд и Лајпциг), а една екипа е од Франција (Пари сен Жермен).
Од сезоната 2003/2004, откако се игра овој формат на ЛШ, најмногу пати во осминафиналето се пласирале екипите од Англија, вкупно 59 пати, пет повеќе од тие од Шпанија, на третото место е Италија со 41 итн. Поединечно рекордер е Реал Мадрид со 17 настапи меѓу 16-те најдобри екипи на континентот, а потоа следуваат Баерн со 16, Арсенал и Челси со по 14 итн.

Македонија ќе има еден претставник во осминафиналето на Лигата на шампионите сезонава, репрезентативецот Елиф Елмас од Наполи, кој во групната фаза настапи на четири натпревари, и тоа двапати против европскиот првак Ливерпул од Англија и по еднаш на дуелите со белгискиот Генк и со австрискиот Салцбург.


Де Брујне и понатаму е прв асистент

Плејмејкерот на Манчестер сити, Кевин де Брујне, и понатаму е најдобриот асистент во најсилните пет домашни првенства во Европа сезонава, објави Европската фудбалска унија (УЕФА), во пресрет на продолжението на сезоната во Лигата на шампионите.
Белгиецот досега оствари 15 асистенции во англиското првенство. На оваа листа зад него е Англичанецот Џејдон Санчо од германскиот бундеслигаш Борусија Дортмунд со 13 асистенции, а една асистенција помалку има Германецот Томас Милер од Баерн.
Во европските купови, пак, Бразилецот од Брага, Галено, оствари шест додавања по кои е постигнат гол за Брага во Лига Европа (ЛЕ), а една помалку има Хаким Зијеч од Ајакс, во Лигата на шампионите (ЛШ). По четири асистенции во европските купови имаат Корентин Толисо (Баерн, ЛШ), Ријад Марез (Манчестер сити, ЛШ), Роберто Фирмино (Ливерпул, ЛШ) и Урош Матиќ (АПОЕЛ, ЛЕ), пишува УЕФА.