Ангеловски ќе учествува на тренерската конференција на ФИФА во Лондон

57
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Како и по последното ЕП во Франција, така и овој пат ќе бидеме поделени во работни групи со свои задачи, каде што ќе се прави комплетно видување за изминатото СП. Тоа значи темелна анализа во фазата на одбраната, средината, нападот, вели македонскиот селектор Игор Ангеловски

Селекторот на сениорската фудбалска репрезентација на Македонија Игор Ангеловски ќе биде дел од Конференцијата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), во Лондон, на 23 септември, на која селекторот на актуелниот светски првак Франција, Дидие Дешам, ќе го сподели своето гледиште за патот на „триколорите“ до светската круна освоена годинава во Русија, на Светското првенство. Засега се пријавени над 140 тренери, но се очекува нивниот број да биде многу поголем.

– Секако, ќе присуствувам во Лондон. Бев присутен на ваков состанок и по минатото Европско првенство (ЕП), кога по освоената титула на репрезентацијата на Португалија, свое видување за постигнатото имаше нејзиниот селектор Фернандо Сантош. Со мене во Лондон ќе биде и Зоран Стратев – вели Ангеловски.

Освен Дешам, на конференцијата во Лондон ќе присуствуваат и селекторите на полуфиналистите од Мундијалот годинава во Русија, и тоа Роберто Мартинес (Белгија), Герет Саутгејт (Англија), потоа на домаќинот на Светското првенство, Станислав Черчесов (Русија), на финалистот на СП 2018 Златко Далиќ (Хрватска), како и селекторот на претходниот светски првак, Германија, Јоаким Лев.

– Како и тогаш, така и овој пат ќе бидеме поделени во работни групи со свои задачи, каде што ќе се прави комплетно видување на изминатото Светско првенство. Тоа значи темелна анализа во фазата на одбраната, средината, нападот – појаснува Ангеловски.

За македонскиот селектор нема сомнение дека Дешам е одличен тренер.

– Самото тоа што тој беше освојувач на титулата светски првак и како играч и како селектор, а и финалист од последното ЕП како селектор, доволно говори дека се работи за одличен стратег и јас многу го ценам – вели македонскиот селектор.
Лондон, секако, ќе биде и добра можност за комуникација со многу селектори за договарање термини за пријателски натпревари.

– Да, тој момент сигурно го имам предвид.Три години сум на сегашнава позиција селектор и овие пријателски средби секогаш се добредојдени. Но поради презафатеноста со репрезентативни настапи што следуваат во Лигата на нациите, евентуални пријателски мечеви можеби се можни во декември – рече за „Нова Македонија“ селекторот Ангеловски.


„Моето мислење за ВАР е позитивно“

Светската фудбалска федерација (ФИФА) покани тренери и технички директори на сите 211 федерации-членки на ФИФА, како и технички експерти од сите шест конфедерации, кои имаат за цел да го анализираат Светското првенство во Русија од техничка и од тактичка гледна точка, да ги идентификуваат трендовите и да ги споредат главните наоди со претходните изданија на СП, а врз основа на извештајот на Техничката студиска група на ФИФА (ТСГ) да го оценат и влијанието на технологијата видеопомошник-судија (ВАР) врз играта.
– Што се однесува до технологијата ВАР во фудбалот, која е во фаза на усовршување, моето мислење е позитивно. Точно дека малку ја одолжува играта, но секогаш е подобро кога правдата на крајот ќе победи, отколку да се досуди непостоен пенал или, на пример, да се прими гол со рака – вели Игор Ангеловски, селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија.


Дешам: Привилегиран момент за да ги видам моите колеги и да споделиме искуства

Секако дека одговорив позитивно на поканата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), веднаш штом ја добив поканата. Овој вид средби секогаш се привилегиран момент за да ги видам моите колеги од другите држави и да ги споделиме нашите тренерски искуства. Отсекогаш сум имал голема почит кон сите нив и нашето освојување на титулата светски првак нема да ја промени таа гледна точка, изјави селекторот на светскиот фудбалски првак Франција, Дидие Дешам, во пресрет на состанокот на тренерите во Лондон, во организација на ФИФА.