Ангеловски: Сѐ најдобро за Австрија, се надевам дека и ние ќе бидеме дел од ЕП

100

Мирко Постоловски
Специјално од Виена за „Нова Македонија“

Македонската фудбалска репрезентација претрпе пораз со 2-1 на гостувањето во Виена, од репрезентацијата на Австрија, во 9-то коло од квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2020 година. Домаќините до триумфот стигнаа со погодоците на Алаба и на Лајнер по еден во двете полувремиња, а голот за Македонија го постигна Влатко Стојановски во судиското дополнување.

– Одигравме квалитетен натпревар. Австрија доминираше во првиот дел, во вториот дел се ослободивме од притисокот, бевме подобри од противникот, а потоа направивме две-три шанси за гол. Ѝ посакувам сѐ најдобро на Австрија на ЕП, очекувам добро да се претстават на шампионатот, а се надевам дека и ние ќе бидеме дел од него. Третото место во групата сите го посакуваме. По тоа што фудбалерите го прикажаа во квалификациите ќе биде жално да не бидеме трети. Треба да одиграме храбро дома против Израел и да победиме – рече македонскиот селектор Игор Ангеловски.

Австрија третпат во својата историја, по 2008 и 2016 година, ќе игра на ЕП. Австријците заедно со Полска како најдобропласирани во групата Г обезбедија пласман на шампионатот во 2020 година, кое првпат ќе се игра во 12 земји.
– Драго ми е и се радувам за тимот. По почетните порази бевме под постојан притисок да мора да победуваме и одговоривме одлично на предизвикот, секој меч беше за нас како финале. Но секако дека мора да останеме на земја и да не бидеме премногу еуфорични – рече селекторот Франко Фода.

Стојановски го постигна дебитантскиот погодок во црвено-жолтиот дрес.
– Секој фудбалер е среќен кога ќе дебитира за репрезентацијата, а уште посреќен кога ќе постигне гол. Покажавме во вториот дел дека можеме да се надигруваме со сите – рече Стојановски.