Ангеловски со стандарден и уигран тим кон новата цел

70

Од 18-те фудбалери повикани за дуелите со Гибралтар и со Ерменија во Лигата на нациите, 16 беа во комбинација за последните дуели лани од квалификациите за СП 2018, а од нив 10 беа стартери од мечот со Лихтенштајн во Струмица (4-0)

Игор Ангеловски, селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, одреди 16 интернационалци и двајца од домашното првенство за првите два меча од Лигата на нациите против Гибралтар (6 септември) на гости и против Ерменија (9 септември) во Скопје. Поради повреда неизвесен е настапот на двајцата фудбалери што настапуваат во Хрватска, Аријан Адеми (Динамо З.) и Дарко Велковски (Риека).

Со изборот на фудбалери Ангеловски потврди дека малку ќе менува во составот, па, така, од играчите што беа избрани за последните мечеви лани во квалификациите за пласман на Светското првенство годинава во Русија (со Италија и со Лихтенштајн) во новиот состав се 16 играчи, од нив 10 стартери на дуелот со Лихтенштајн во Струмица (4-0) и двајца од тројцата фудбалери што влегоа во игра во вториот дел од средбата. Од тогашниот избор на сегашниот список не се, на пример, Ферхан Хасани и Марјан Радески, од кои Хасани беше стартер на дуелот со Лихтенштајн, а тој и повредениот Радески на натпреварот претходно со Италија. Сличен беше изборот на Ангеловски и за тест-мечевите во Турција во март со Финска и со Азербејџан.

– На списокот се наоѓаат стандардни фудбалери. Јас и претходно кажав дека во репрезентацијата ќе се влегува потешко. Ова е мојот избор засега, 90 отсто од фудбалерите се оние што го понесоа товарот во квалификациите. Не бегаме од фаворитската улога, но го имаме задолжителниот респект за Гибралтар. Не е лесно да се победува, очекувам максимално издание на моите фудбалери и да ја почнеме Лигата на нации со три бода – изјави Ангеловски.

Македонија е во лигата Д, група 4, во која уште е и Лихтенштајн. Победникот на групата ќе се пласира во лигата Ц за следното издание, а, поважно, ќе игра на фајналфорот со победниците на другите три групи од лигата Д, од каде што шампионот ќе се пласира на Европското првенство во 2020 година.