Ангеловски: Офанзивниот фудбал донесе успех

61

Ме радува тоа што селекциите, кои негуваат напаѓачки фудбал, имаа повеќе успех од оние што се бранеа, што играа „бункер“ и на тој начин се обидуваа, пред сѐ, да не загубат, вели македонскиот селектор Игор Ангеловски

На фудбалското Светско првенство (СП) во Русија завршија натпреварите од првата и почнаа оние од втората рунда, а општиот впечаток за квалитет на прикажаните игри на 32-те репрезентации е позитивен и е во рамките на очекувањата.
– Главно сум задоволен од она што го видов досега на СП. Имаше некои киксови на фаворитите, светскиот првак Германија загуби од Мексико, Аргентина одигра бледо, немаше решенија за дефанзивата на Исланд и очигледно е дека нивниот селектор Хорхе Сампаоли ќе мора нешто да менува. Шпанија, иако во последен миг остана без селекторот Хулен Лопотеги, одигра одлично против Португалија, но среќата малку им го сврте грбот. Како и да е, ме радува тоа што селекциите, кои негуваат офанзивен, напаѓачки фудбал, имаа повеќе успех од оние што се бранеа, што играа „бункер“ и на тој начин се обидуваа, пред сѐ, да не загубат, а потоа да стигнат до реми, евентуално и до победа. Пријатно ме изненадија селекциите на Хрватска и на Србија, кои беа уверливи, посебно Хрватите, во дуелите против Нигерија, односно против Костарика – вели Игор Ангеловски, селекторот на македонската фудбалска репрезентација.
На тактички план, според Ангеловски, немаше ништо ново, формациите на повеќето селекции се веќе добро познати и видени отпорано.
– Главно се играат системите 4-2-3-1 или 3-5-2, поретко 4-4-2. Нешто поразлично одиграа Мексиканците на мечот против Германија, 5-4-1 во фаза на одбрана и потоа 3-4-3 по транзицијата во нападот. До крајот има уште многу натпревари, можни се некои иновации, иако не очекувам ништо револуционерно на тој план. Мислам дека решавачки за успех на која било репрезентација ќе бидат правилната ротација на фудбалерите, одморот и зачувувањето на нивната свежина, бидејќи станува збор за долг, напорен турнир на кој треба да се одиграат многу тешки натпревари – вели Ангеловски.
Македонскиот селектор в понеделник патува за Москва каде што ќе проследи два меча на СП 2018, и тоа Франција – Данска (во вторник) и Бразил – Србија (в среда).