Ангеловски: Не е сеедно на кое место ќе бидеме во групата

117
Фото: Игор Бансколиев

Македонија в сабота против Австрија ќе игра ослабена, последен на листата повредени се најде Алиоски, во тимот ќе го нема и Адеми, можеби и Тричковски, а нема да играат Николов, Муслиу и Несторовски поради жолти картони

Имаме многу повредени фудбалери, тројца од стандардниот состав се пожолтени, но не се жалам, со расположливите сили ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме и да извлечеме максимум на последните два квалификациски меча за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година. Мотиви за играње има многу, станува збор за настап во репрезентативниот дрес и тука нема дилеми, рече на вчерашната средба со новинарите селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски.

Македонија в сабота гостува во Виена кај Австрија, а идниот вторник е мечот со Израел, во Скопје. На листата на повредени играчи последен се најде Езџан Алиоски (Лидс), кој се повреди на тренинг во саботата, претходно отпадна и Аријан Адеми, мали се шансите да заигра и Иван Тричковски, а на повреди се жалат Стефан Спировски и Дарко Велковски.

Ситуацијата уште повеќе ја усложнува и суспензијата, поради жолтите картони, на тројцата стандардни репрезентативци, Бобан Николов, Висар Муслиу и Илија Несторовски. За ублажување на персоналните проблеми повикан е Тихомир Костадинов (23), офанзивниот играч од средниот ред на словачкиот Ружемберок. Селекторот Ангеловски не ја исклучува можноста дополнително да повика уште некој играч.

– Шансите за пласман на ЕП се загубени, но останува Македонија да ги одигра уште овие два меча, кои треба да послужат и како подготовка за плејофот во Лигата на нациите, во март идната година. Шанса ќе добијат некои нови фудбалери, сакаме да видиме како тие ќе одговорат на задачите, а веројатно ќе пробаме и некои нови тактички варијанти. Но битни се и резултатите, не е сеедно на кое место ќе заврши Македонија во групата. Пред почетокот на квалификациите целта беше Македонија да биде конкурентна со другите репрезентации, па и да се бори за пласман на завршницата на ЕП. Мислам дека тоа го сторивме, одигравме неколку добри натпревари, моментно сме трети, и не би било лошо да останеме на таа позиција – вели Ангеловски.

Што се однесува во саботниот противник Австрија, селекторот Ангеловски има само пофални зборови.
– Мора да се признае дека на мечот во Скопје (Австрија победи со 4-1 – н.з.) беа многу подобри од нас, нѐ надиграа во секој поглед и заслужено победија. Колку што беше Австрија добра, толку Македонија беше лоша, тоа веројатно ни беше еден од најлошите натпревари во минатите години, но тоа не ја намалува заслужената победа на Австријците. Сметам и дека Австрија се покажа во многу подобро издание од Полска во овие квалификации, беше доминантна речиси на сите мечеви и сигурно ќе сака токму на дуелот против Македонија да ги реши сите дилеми и да го завери пласманот на ЕП 2020. Наше е да се обидеме адекватно да одговориме, ќе играме без притисок, немаме што да загубиме – вели Ангеловски.

Македонските репрезентативци до петок ќе тренираат на терените на Фудбалската федерација на Македонија, по што ќе патуваат за Виена, на саботниот дуел со Австрија.