Ангеловски: Најголема придобивка е кревањето на квалитетот на играта на повисоко ниво

115
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Секако, не треба сега тука и да застанеме, напротив треба да продолжиме со уште позасилено темпо на работа, што ќе придонесе сегашниот квалитет да биде надграден во иднина, вели македонскиот селектор Ангеловски, по осумте кола од квалификациите за ЕП 2020 

Најголемата придобивка од овие сѐ уште незавршени квалификации, е што го кренавме квалитетот во нашата игра на уште повисоко ниво, а тоа и го докажавме низ средбите што ги одигравме. Тоа посебно ме радува, но, секако, не треба сега тука и да застанеме, напротив треба да продолжиме со уште позасилено темпо на работа што, пак, ќе придонесе сегашниот квалитет да биде надграден во иднина, вели селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски.

На две кола пред крајот на овој циклус на квалификации за Европското првенство (ЕП) Македонија има теоретски шанси за директен пласман на ЕП 2020, но има обезбедено место во плејофот на Лигата на нациите, лига Д. Пред преостанатите две средби против Австрија (на гости) и Израел (дома), црвено-жолтите се на третата позиција со 11 бода, колку што имаат Словенија и Израел, а четири бода помалку од второпласираната Австрија. Ангеловски, кој четири години е предводник на репрезентацијата, е задоволен од постигнатото во досегашниот тек од овие квалификации. И покрај фактот што во последните две средби Македонија повторно ќе има проблеми со играчкиот кадар, Ангеловски е оптимист околу крајниот исход.

– Нѐ очекуваат уште два меча, на кои повторно ќе настојуваме да го дадеме максимумот, без разлика кој ќе игра, но и да продолжиме со понатамошното кревање на квалитетот на играта. Против Австрија, секако, ќе бидеме повторно хендикепирани поради отсуството на четворица фудбалери поради два жолти картони, но затоа во репрезентацијата ќе се вратат Енис Барди, Дарко Велковски, Аријан Адеми, Иван Тричковски, кои се жалеа на повреди – вели селекторот.

За настапот на другите репрезентации, Ангеловски смета дека немало некое поголемо изненадување досега.

– Што се однесува до нашата група, Полска и Австрија, кои беа фаворити и пред почетокот, обезбедија пласман на ЕП. И преостанатите фаворити засега играат според планот, иако имаше некои поединечни изненадувачки резултати, како што се на пример двете ремија во низа на Шпанија, што ретко може да се случи. Можеби за многумина своевидно позитивно изненадување претставува репрезентацијата Финска, со која ние одигравме нерешено во пријателски меч во Анталија, но таа игра сѐ подобро и подобро – рече Ангеловски. 


„И објективно посилните веќе тешко се справуваат со оваа репрезентација на Македонија“

И на последните два натпревара одигравме добро. Против Словенија сметам дека го одигравме најдобриот меч. Она што го најавив пред дуелот се обвистини, совладавме еден силен ривал, по што си создадовме многу подобри шанси за пласман на ЕП, но ги загубивме по дуелот со Полска. Но и со Полска Македонија играше добро до 75-та минута, а потоа примивме два гола. Да не заборавиме дека на тој меч настапивме без четворица стандардни фудбалери, кои беа повредени. Со еден збор, со оваа репрезентација на Македонија и објективно посилните селекции веќе тешко се справуваат, вели македонскиот селектор Игор Ангеловски.