Американските фудбалерки поплатени од мажите?

99

Анализата на УССФ покажала оти на фудбалерките од 2010 до 2018 година им исплатила 34,1 милиони долари за плати и бонуси, а на мажите 26,4 милиони долари бонуси. Портпаролката на женската репрезентација вели дека бројките на Федерацијата „несоодветно ги вклучуваат платите за да се напумпаат сумите, а секоја споредба на ’јаболка со јаболка’ покажува дека мажите заработуваат многу повеќе отколку жените“

Американската фудбалска федерација (УССФ) објави писмо потпишано од претседателот Карлос Кордеиро, во кое пишува дека последниве години женската репрезентација добила повеќе пари отколку машката, потег што доаѓа пред најавената тужба од женскиот тим против својот работодавец, објавија американски медиуми. Анализата на исплатите, за која Кордеиро вели дека е направена од персоналот на УССФ и разгледана од сметководствена фирма, веројатно ќе додаде масло на огнот во сложената расправа за тоа како федерацијата го наградила националниот женски тим, светски првак од годинава.

Кордеиро вели дека анализата на Федерацијата покажала оти УССФ на фудбалерките во периодот од 2010 до 2018 година им исплатила 34,1 милиони долари за плати и во бонуси, а на мажите 26,4 милиони долари во истиот период. Фудбалерките добиваат плати, плус бонуси, а мажите само бонуси, иако поголеми, според писмото. Моли Левинсон, портпаролка на фудбалерките, писмото го нарече „тажен обид на УССФ да го намали огромниот бран поддршка што женската селекција ја доби од сите, од навивачите до спонзорите, и од Конгресот на САД“.

УССФ на фудбалерките им плаќа надомест за секој одигран меч за националниот тим, плус платите за играњето во професионалните клубови во националната фудбалска лига. Федерацијата не им дава плати на мажите. Левинсон вели дека бројките што ги посочува Федерацијата „несоодветно ги вклучуваат платите за да се напумпаат сумите. Секоја споредба на ’јаболка со јаболка’ покажува дека мажите заработуваат многу повеќе отколку жените“.

Вклучувајќи ги наградите од Светската фудбалска федерација (ФИФА), од 2010 до 2018 година, на американските фудбалери им биле исплатени 41 милион долари, а на фудбалерките 39,7 милиони долари, се наведува во писмото.

Во тој временски период мажите стигнаа до осминафиналето на СП 2010 и 2014 и не успеаја да се квалификуваат на завршниот турнир на СП 2018. Жените, пак, победија на СП 2015 и беа втори на СП 2011. Вкупниот награден фонд на ФИФА за СП 2018 во Русија беше 400 милиони долари, а за женското СП 2019 во Франција 30 милиони долари.

УССФ и женскиот национален тим наскоро ќе почнат со медијација во врска со тужбата за дискриминација околу платите, поднесена од сите 28 члена на женската репрезентација. Во тужбата се тврди дека Федерацијата нелегално на жените им плаќа помалку отколку на мажите, и покрај супериорните резултати на жените. Тие освоија четири светски првенства.

Федерацијата на членовите на женскиот тим им плаќа 100.000 годишно како основна плата и од 67.500 до 72.500 долари за играње во професионалната лига, се вели во писмото. Жените добиваат и бонуси за играњето во националниот тим. Но Федерацијата не објави информации за структурата на бонусите на мажите. Според писмото, женската репрезентација во минатите 10 години заработила 425.446 долари во просек по меч, а машката 972.147 долари.

„Вол стрит журнал“ минатиот месец објави дека женскиот тим на САД генерирал поголем вкупен приход по натпревар од машкиот тим во последните три години, по освојувањето на титулата светски првак во 2015 година. Федерацијата, пак, соопшти дека од женските натпревари има нето-добивка, дефинирана како приходи од билети минус трошоците, за само две од 11-те анализирани години, во 2016 и 2017 година. Во тие 11 години, женските мечеви направиле нето-загуба од 27,5 милиони долари, се вели во писмото на Кордеиро. Но во писмото не се наведуваат нето-пресметките од натпреварите на мажите. Портпаролот, пак, изјави дека натпреварите на мажите во периодот од 10 години до годинава создале нето-загуба од 3.130.980 долари.