Алисон и Тадиќ ги оправдаа парите и очекувањата

321

Ливерпул на Рома ѝ плати 75 милиони евра за голманот Алисон Бекер што се покажа како одлична зделка, како и онаа на Ајакс за Душан Тадиќ кого го купи за само 11,4 милиони евра

Фудбалската сезона 2018/2019 е при крајот, остануваат да се доиграат уште завршните куп-мечеви во некои земји, секако и финалињата во Лига Европа (ЛЕ) и во Лигата на шампионите (ЛШ). И како по обичај, се сумираат постигнувањата, се избираат најдобрите во повеќе категории, се доделуваат пехари и признанија.

Во тој контекст е и изборот на еминентниот британски фудбалски портал Гол.ком (goal.com) за најдобрите и за најлошите трансфери сезонава.
Во позитивните зделки што ги направија клубовите, на првата позиција е трансферот на Ливерпул со Бразилецот, голманот Алисон Бекер кого го купи од Рома за 75 милиони евра, вториот најскап голмански трансфер, по оној на Челси, кој за Кепа Аризабалага на Атлетик Билбао лани летото му плати 80 милиони евра. Алисон (26) на 38 меча во Премиер-лигата сезонава прими само 22 гола, а на 21 меч неговата мрежа остана недопрена.

Помалку изненадувачки, за втор најдобар трансфер се смета зделката на Ајакс со Душан Тадиќ, од Саутемптон за само 11,4 милиони евра. Но со оглед на игрите на Тадиќ сезонава, постигнатите 36 гола во сите конкуренции, освоените две титули (првенство и куп на Холандија) и пласманот во полуфиналето на Лигата на шампионите (ЛШ), излезе дека направиле „зделка и половина“.

Јувентус го купи Кристијано Роналдо од Реал за 100 милиони евра за да победи во ЛШ. Тоа остана само желба, но Роналдо (34) одигра на високо ниво, помогна при освојувањето на осмата едноподруго титула во Серија А, со постигнатиот 21 гол, плус 11 асистенции на 30-те одиграни натпревари. На високата четврта позиција е трансферот на Бразилецот, Артур (22), играчот од средниот ред, за кого Барселона на Гремио му плати 31 милион евра. Артур е ангажиран да го замени Андрес Иниеста, не одигра ништо посебно, не даде ниту еден гол, и имаше само една асистенција, но се смета како долгорочно решение на таа позиција.

Полјакот Кжиштоф Пјонтек (23) беше целосен анонимус пред да дојде лани во Џенова, од Краковија за само 4,5 млн. евра. Но вниманието го сврте откако даде девет гола на првите седум првенствени меча. Зимава мина во Милан за 35,7 млн. евра и пролетва даде осум гола.

Натаму на листата највредни трансфери, меѓу другите, се оној на Аксел Витсел од Таинџин во Борусија Д. (20 млн. евра), на Лукас Тореира од Сампдорија во Арсенал (31,1), на Раул Хименез од Бенфика во Вулверхемтон (34,5), на Фабињо од Монако во Ливерпул (50,4), Николо Заниоло од Интер во Рома (трампа за Раџа Најнголан) итн.


Трансферот на Манчестер јунајтед со Фред убедливо најлош

На спротивната страна, како најлош трансфер, без конкуренција, се смета оној на Манчестер јунајтед, кој за Бразилецот Фред (26) на Шахтар му плати 61 млн. евра! Фред не покажа речиси ништо, ретко играше, а еден од англиските коментатори, по малку на шега, по малку на вистина, рече дека се сомнева оти „Фред е Бразилец“! На слично разочарувачко рамниште е и трансферот на францускиот интернационалец, напаѓачот на Монако, Томас Лемар (23) за кого Атлетико издвои 70 млн. евра!
ПСЖ за Аргентинецот Леандро Паредес на Зенит зимава му плати 40 млн. евра, за да тој одигра само 14 меча сезонава, од кои ПСЖ загуби три. Тибо Куртоа беше прогласен за најдобар голман на Светското првенство (СП) лани по што следуваше трансфер од Челси во Реал вреден 35 млн. Но Куртоа не се прослави и имаше голем удел во лошата сезона на „кралевите“.