Алжир вторпат првак, Сенегал поразен и во второто финале

25

Единствениот гол во финалето на Купот на нациите на Африка го постигна Багдад Бунеџа уште во втората минута, со првиот и единствен удар на противничкиот гол

Алжир вторпат го освои Купот на Африка во фудбал (првпат славеше во 1990 година), со победата над Сенегал во Каиро со 1-0, во финалето на Купот на нациите. Голот го постигна Багдад Бунеџа уште во втората минута, со првиот и единствен удар на противничкиот гол. Во второто полувреме, судијата досуди пенал за Сенегал, кој беше поништен по прегледот на снимката од технологијата видеопомошник-судија (ВАР).

Сенегалците, кои играа без суспендираниот Калиду Кулибали (жолти картони), го примија првиот гол во нокаут-фазата во која трите меча ги добија со по 1-0. Сенегал вторпат играше во финале и вторпат е поразен, како и во 2002-та, тогаш од Камерун.
Ова финале некои го претставуваа како судир на двајца премиерлигашки фудбалери, на Алжирецот Ријад Марез од Манчестер сити и на Сенегалецот Садио Мане од Ливерпул. Но двајцата играа под изданијата од ланската сезона во која нивните клубови беа шампиони на Англија (Сити), односно на Европа (Ливерпул). На крајот, Марез беше тој што се радуваше, а Мане, кој пред мечот изјави дека би го сменил победничкиот медал во Лигата на шампионите за победата во африканскиот Куп на нациите, изгледаше скршено како и неговите соиграчи гледајќи ги Алжирците како слават.

Десетици илјади навивачи го поздравија фудбалерите на победничкиот тим на свечената парада во главниот град Алжир. Капитенот Марез и неговите соиграчи ги поздрави и премиерот Нуредин Бедуи. Автобусот во кој беа фудбалерите беше украсен со две ѕвезди, во знак на одбележување на вториот триумф во ова натпреварување.
Освен во Алжир, се славеше и низ Франција каде што живеат Алжирци. На Елисејските Полиња во Париз се славело до раните утрински часови, во Марсеј на улиците излегле над 30.000 луѓе, се славело и во Лион, Стразбур, Тулуз. Во некои градови имало и помали нереди и тензии, а француската полиција соопшти дека биле уапсени над 200 луѓе.

Купот на нациите на Африка се игра од 1957 година. Најуспешна нација со седум шампионски титули е Египет. Камерун е петкратен првак, Гана има четири титули, Нигерија три, Алжир, Демократска Република Конго и Брегот на Слоновата Коска по две, а Замбија, Тунис, Судан, Етиопија, Мароко, Јужна Африка и Конго по една. Л.Д.