Том Думулан

Ова ќе биде прва грантур-трка, со почеток надвор од Европа, а главни фаворити за триумф се ланскиот победник Думулан и Фрум, четиркратниот победник на Тур де Франс, кој за да вози на Џиро ќе добие 1,4 милион евра

На 4 мај почнува 101-то издание на познатата велосипедска трка Џиро д`Италија, една од трите т.н. грантур-трки, заедно со францускиот Тур де Франс и со шпанската Вуелта. Трката ќе почне во Ерусалим, Израел, со 10,1 км долгата индивидуална трка на хронометар околу митскиот град. Ова ќе биде прва грантур-трка со почеток надвор од Европа. Велосипедистите, вкупно 176 од 22 тима, ќе извозат над 3.000 км до финалната етапа по улиците на Рим, на 27 мај.
Првата трка Џиро д`Италија е одржана во 1909 година, а организатор бил весникот „Газета дело спорт“, со намера да го зголеми тиражот. Вкупниот награден фонд годинава изнесува 1,37 милион евра, од кои победникот ќе добие 115.668 евра, плус дополнителни 90.000 во вид на бонуси или околу 200.000 евра. По трите етапи во Израел, велосипедистите ќе продолжат на Сицилија, со три етапни трки, а потоа и низ централа и северна Италија.

Како главни фаворити за триумф на Џиро се сметаат ланскиот победник, Холанѓанецот Том Думулан, човекот што многумина го сметаат за способен да ја прекине доминацијата на тимот Скај, на Фрум, на Тур де Франс. Главен конкурент би требало да му биде токму Фрум, четирикратниот победник на Тур де Франс, кој за да се натпреварува на Џиро ќе добие хонорар од 1,4 милион евра. Фрум беше на тапет последниве месеци поради прекумерната употреба на лекот „салбутамол“ за време на Вуелта, што тој го објаснува со хроничната астма, со која има проблеми од поодамна. Многумина дури апелираа да не му се дозволи да вози на Џиро, сѐ додека тој случај не добие конечна разврска.

Но тимот Скај верува во невиноста на Фрум, кој лани победи на Тур и на Вуелта, и ќе му даде шанса да ги достигне Белгиецот Еди Меркс, кој во 1972/1973 победи на четири грантур-трки во низа, и Французинот Бернар Ино, кој победуваше трипати во 1982 и во 1983 година. Доколку победи на Џиро, Фрум ќе биде еден од седумтемина велосипедисти што победувале на трите грантур-трки. Покрај Думулан, за кого велат е дека е брз на хронометар колку и Фрум, како најсериозни кандидати за триумф се сметаат Италијанците Фабио Ару и Доменико Поцовиво, Францизинот Фабио Пино, лани четвртопаласиран, Колумбијците Мигел Анхел Лопез и Естебан Чавез итн.