Тој во финалната борба со технички нокаут во втората рунда го победи Романецот Вас Норберт, со што го освои „Златниот гонг“. Оваа спортска манифестација, една од најстарите во Македонија, прослави и јубилеј, 50 години од првиот, одржан во 1969 година

Македонскиот боксер Јасин Љама (категорија до 60 кг) е освојувач на 49-от „Златен гонг“, кој изминатава недела се одржа во малата сала во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Во полуфиналната борба тој беше подобар од Бесфорд Мелаку од Косово, со технички нокаут во втората рунда, а и финалето имаше иста завршница во втората рунда на мечот со Романецот Вас Норберт. Победничкиот трофеј на Љама му го предаде претседателот на Боксерската федерација на Македонија и поранешен четирикратен освојувач на „гонгот“, Примислав Димовски.

Со тоа се исполни и најавата на новиот селектор на Македонија, Кубанецот Хесус Сојет, дека годинава македонски боксер ќе победи на „Златниот гонг“. Во годината кога оваа спортска манифестација, една од најстарите во Македонија, слави и јубилеј, 50 години од првиот, во 1969 година, настапија боксери од Македонија, Србија, БиХ, Словенија, Романија, Албанија, Бугарија и од Косово.
За најдобар македонски боксер е прогласен Алим Насуфи, најборбен натпреварувач е Албан Бекири од Албанија, најдобар техничар е Патриот Бехрами од Косово, најдобар странец е Саша Миловац од Србија, најдобар тренер е Милан Пипрески од Србија, а најдобар судија Петре Неделковски од Македонија.

Љама е 12-от боксер од Македонија што го освоил „Златниот гонг“. Во досегашна историја трофејот го освојувале и Аце Русевски (двапати), Џевад Асанов, Реџеп Реџеповски (двапати), Реџеп Јакупи, Седат Керимов, Мухамед Алија, Примислав Димовски (четири пати), Мумин Вели (трипати), Наси Хани, Фатлум Жута (двапати) и Гоце Јанески. Вкупно 14 боксери победувале од поранешна СФРЈ, шест од Русија, двајца од Бугарија и од Албанија и по еден од Србија и Црна Гора (СЦГ), Романија, Англија и од Косово.

Досегашни победници на „Златниот гонг“: 1969 година Вуин, 1970 Омеровиќ, 1971 Белиќ, 1972 Бахтијаревиќ, 1973 Бенеш, 1974 Вујиќ, 1975 Русевски, 1976 Гаши, 1977 Хашани, 1978 Русевски, 1979 С. Качар, 1980 Асанов, 1981 Аќимовиќ, 1982 Пузовиќ, 1983 Реџеповски, 1984 Јакупи, 1985 Реџеповски, 1986 Шкаро, 1987 Керимов, 1989 Ахрамов, 1990 Крстев, 1991 Галеев, 1992 Пјастраев, 1993 Тончев, 1994 Алија, 1995 и 1996 Алиќ, 1998, 1999 и 2000 Димовски, 2001 Алија, 2002 Баланов, 2003 и 2004 Вели, 2005 Илиќ, 2006 Вели, 2007 Галошкин, 2008 Хани, 2009 Димовски, 2010 Газизов, 2011 Жута, 2012 Жута, 2013 Вилсон, 2014 Денај, 1015 Џоџај, 2016 Јанески, 2017 Вјерда, 2018 Вицул, 2019 Љама.