На јапонската пливачка кралица Рикако Икее (18), која е заштитното лице на промотивниот постер за Летните олимписки игри (ЛОИ) 2020 во Токио, ѝ е дијагностицирана леукемија, објави таа на Твитер.

По освоените рекордни шест златни и два сребрени медала на Азиските игри лани, Икее важеше за голема надеж на Јапонците на Игрите следната година. Познавачите на околностите во пливањето предвидуваа дека таа во родниот град Токио би можела да освои злато во неколку дисциплини, особено на 100 метри пеперутка.

По откривањето на болеста, Икее го напушти тренинг-кампот во Голд Коуст, Австралија, а на навивачите преку социјалните мрежи им порача дека е решена да ја победи тешката болест.

– Со правилен третман може да се победи болеста. Ќе се посветам на моето лекување и ќе се потрудам да се вратам уште посилна – напишала Икее, потврдувајќи дека нема да настапи на првенството на Јапонија, а под прашалник е и учеството на СП во Гвангжу, Јужна Корејка во јули.

Нејзиниот тренер, Јиро Мики, е разочаран поради здравствената состојба на Икее, но е и охрабрен од нејзината мотивација за борба со болеста.

– Никогаш не сум ја видел Икее во толку лоша состојба како во Австралија. По првичните анализи направени во локалната болница решивме да ја вратиме во Јапонија за што попрецизни анализи и дијагноза. Но како и да е, ѝ честитам на нејзината решителност, мотиви и желба да ја победи болеста – изјави Мики додавајќи оти не се загубени шансите таа да закрепне и да настапи на ЛОИ.