Карлсен (лево) го прима пехарот

Неговиот играчки перформанс на турнирот од 2.988 поени, на кој победи со два поена разлика пред второпласираниот, како и фактот што не е поразен веќе 50 партии во низа, го искачија неговиот моментен рејтинг на 2.860,8 поени, многу блиску до неговиот рекорден од 2.882 поени

Актуелниот светски шаховски првак, норвешкиот велемајстор (ВМ) Магнус Карлсен во голем стил победи на 6-от меморијален шаховски турнир „Вугар Гашимов“, во градот Шамкир, Азербејџан, што е негов четврти триумф, по оној во 2014, 2015 и во 2018 година. По девет кола Карлсен освои седум поени (пет победи и четири ремија), од кои три беа победи во последните три кола. Тој славеше со разлика од дури два поена од второпласираниот.

Карлсен и во последното коло лавовски се бореше, иако веќе го имаше обезбедено првото место. Неговиот играчки перформанс на турнирот од близу 3.000 рејтинг-поени (2.988), како и фактот што не е поразен веќе 50 партии во низа (последен пат од Шахријар Мамеѓаров во јули, лани), го искачија неговиот моментен рејтинг на 2.860,8 поени, што е плус од 15 поени и вкупно 44 пред второпласираниот Фабијано Каруана (2.816,4).

Карлсен во 2019 година има перформанс од 2.927 (10 победи, 12 ремија, без пораз). Разликата помеѓу Карлсен и остатокот од светот не беше толку висока од септември 2016 година (кога Максим Леграв заостануваше, исто така, 44 поени). Последен пат виртуелниот рејтинг на Карлсен беше многу висок во јуни 2015 година (2.876), а неговиот најдобар впишан рејтинг во кариерата (2.882), е забележан во мај 2014 година.

Карлсен во Шамкир ги надигра Русите Сергеј Карјакин и Александар Гришчук, Индиецот Вишванатан Ананд, Чехот Давид Навара и Холанѓанецот Аниш Гири, а ремизира со Кинезот Лирен Динг, Бугаринот Веселин Топалов и со Азербејџанците Тимур Раџабов и Мамеѓаров.

Табела: Карлсен (2.845) 7, Динг (2.812) 5, Карјакин (2.753) 5, Раџабов (2.756) 4,5, Гришчук (2.771) 4,5, Ананд (2.779) 4,5, Топалов (2.740) 4, Навара (2.739) 4, Мамеѓаров (2.790) 3,5, Гири (2.797) 3 поени. 


Највисоки рејтинг-перформанси на Карлсен

РЕЈТ. ТУРНИР ПОЕНИ
3.002 Нанџинг 8/10
2.994 Лондон 6,5/8
2.988 Шамкир 2019 7/9
2.981 Шамкир 2015 7/9
2.930 Вајк ан Зе 10/13
2.918 Базна 7,5/10