Фото: Дарко Андоновски

Лина Ѓорческа се пласира во полуфиналето во игра на двојки и во четврт-финалето поединечно на тенискиот турнир што се игра во Анталија (Турција) за награден фонд од 15.000 долари. Таа вчера забележа две победи, прво над Швајцарката Џени Дуерст со 6-2 и 6-4, а потоа славеше и во двојка со Хрватката Мариана Дражиќ, на мечот со Ујар од Турција и Каратанчева од Бугарија, со 6-1 и 6-2.

Ѓорческа е втора носителка на поединечниот турнир, а во двојки со Дражиќ се први фаворитки. Со победите, македонската тенисерка освои нови бодови за двете листи на ВТА. Поединечно, таа сега има 108 бода, ако се пласира во полуфиналето ќе има 110, а со триумф на турнирот ќе има вкупно 116 бода. Во двојки, пак, Ѓорческа по триумфот вчера има 342 бода, а со освоен трофеј во Анталија ќе има 346 бода, што може да ѝ донесе значителен напредок на листата, на која од понеделникот е на 221-то место.