Фото: Дарко Андоновски

Американката Лорин Дејвис (24) ќе ѝ биде противничка на најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа (24), во денешното 1. квалификациско коло на гранслем-турнирот, Отвореното првенство (ОП) на САД во Њујорк (од 27 август до 7 септември).
Дејвис моментално е на 200-та позиција на ВТА ранг-листата, а Ѓорческа е 604-та, најмногу поради долгата, повеќемесечна пауза поради повредата на зглобот на левата рака. Ѓорческа поканата за настап на годинашниот турнир во Њујорк ја доби поради т.н. „заштитно рангирање“, односно пласманот на 200. позиција лани.

За Ѓорческа ова ќе биде трет настап во квалификациите на турнирот во Њујорк. На претходните два беше елиминирана во 1-то коло, во 2016-та од Американката Катрин Белис, 0-6, 2-6, а лани од Австралијката Дестени Аиава, во три сета со 6-4, 4-6, 3-6.
Покрај ОП на САД, Ѓорческа лани настапи во квалификациите и на преостанатите три гранслем-турнири, на Австралија опен во Мелбурн во јануари, на Ролан гарос во Париз во јуни и на Вимблдон во Лондон во јули.