Таа и Хрватката Дражиќ ја освоија титулата во игра на двојки на турнирот во Анталија, со што Ѓорческа го освои 41-от трофеј во двојки, а има и девет во поединечна конкуренција

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа во саботата ја освои 41-та титула во двојки (петта годинава, според податоците на интернет-страницата на Интернационалната тениска федерација), а играше и во полуфиналето во поединечна конкуренција на турнирот во Анталија (Турција), што се играше за награден фонд од 15.000 долари, на тврда подлога. Досега Ѓорческа има и девет титули во поединечна конкуренција.
Ѓорческа и Хрватката Мариана Дражиќ како први носителки славеа во финалето во Анталија против третите носителки Ведер и Вишер од Холандија, со 7-5, 4-6, 10-7. Во поединечна конкуренција Ѓорческа во полуфиналето загуби од Магдалена Пантуцкова од Чешка, која вчера победи и во финалето, на мечот со Британката Габриела Тејлор, и го освои трофејот. За Ѓорческа и за Дражиќ ова е втора заедничка титула, откако претходно го освоија турнирот во двојки во Хрватска, во 2015 година, на земјена подлога.
Со освоените поени од турнирот во Анталија, Ѓорческа би требало да го задржи пласманот во поединечна конкуренција на светската листа на ВТА (минатата недела беше на 406-то место), а во двојки да напредува за шест позиции, до 215-то место, според пресметките на специјализирани интернет-страници.