Ѓоковиќ со сигурниот триумф на Австралија опен (рекордна седма титула) е актуелен шампион на три гранслем-турнира. Со победа и на Ролан Гарос вторпат во кариерата би бил истовремено најдобар на сите четири гранслем-турнири, нешто што кај мажите го оствари само уште Лејвер, но тој во една година

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ (31) ја освои рекордната седма гранслем-титула на Австралија опен и вкупно 15-та во кариерата, со што се осами на третото место на вечната листа, со два торфеја помалку од Шпанецот Рафаел Надал (32) и пет од Швајцарецот Роже Федерер (37). Ѓоковиќ вчера во финалето убедливо го победи Надал со 6-3, 6-2, 6-3, со што поведе во меѓусебните дуели со 28-25, а израмни во меѓусебните гранслем-финалиња на 4-4.

Во моментов Ѓоковиќ е актуелен победник на три гранслема, откако победи лани и во Лондон, на Вимблдон и во Њујорк, на САД опен. Сега му недостига триумф на Ролан Гарос, со што вторпат во кариерата би бил истовремено најдобар на сите четири гранслем-турнири. Тој е единствен со ваков успех во т.н. опен ера (од 1968 година) по Австралиецот Род Лејвер, а првпат го оствари со триумфите од Вимблдон и Њујорк во 2015 година и на Австралија опен и Ролан Гарос во 2016-та.

Сепак, календарски гранслем (победи на сите четири турнира во една година) во опен ерата кај мажите има само Лејвер, во 1969 година, а кај жените неговата сонародничка Маргарет Корт во 1970 година и Германката Штефи Граф во 1988 година.

Со триумф и во Париз во мај Ѓоковиќ би станал и првиот со барем две титули на секој од четирите гранслема (во моментов има седум на Австралија опен, четири на Вимблдон, три на САД опен и една на Ролан Гарос). Ваков успех можеше да оствари Надал ако победеше вчера во Мелбурн.

Ѓоковиќ ја продолжи и својата успешна низа според која победува во Австралија секогаш кога ќе стигне до полуфиналето. За доминацијата во финалето зборува и дел од статистиката, според која Ѓоковиќ имал 34 т.н. винери (поени при кои противникот не го допира топчето) и само девет т.н. неизнудени грешки.