Новак Ѓоковиќ ја освои својата 17. гренд слем титула, откако по осми пат го крена трофејот од Австралија опен, враќајќи се во драматични пет сета за 6:4/4:6/2:6/6:3/6:4 победа над Доминик Тим, продолжувајќи ја доминацијата на големата тројка на гренд слем турнирите.

А изгледаше дека е „готов“ и дека нервите конечно го „фатија“ откако влезе во беспотребна расправија со судијата на столче поради двете предупредувања кои ги доби, а во исто време 26-годишниот Австриец успеа да стигне до водство од 2:1 во сетови откако го загуби првиот сет. Покрај тоа, статистиката беше против него, во седум гренд слем финалиња во кои губел со 2:1 во сетови, Србинот ги имаше загубено сите.

Меѓутоа, кога беше најпотребно, во петтиот сет, тој направи ран брејк за да дојде до предност со малку среќа.

Веќе во следниот гем тој ја одбрани предноста спасувајќи две брејк-топки, за потоа да изддржи до крај за уште една историска победа.

Со трофејот, Ѓоковиќ дефинитивно покажа дека со право беше избран за најдобар тенисер на минатат деценија во изборот на АТП, бидејќи во Мелбурн има 8-0 скор во финалињата и покрај некои драматични мечеви. Со својот 17-ти голем трофеј, Ѓоковиќ се приближи на најдобрите – Рафа Надал со 19 и Роџер Федерер со 20 гренд слем титули, и ако продолжи вака, само прашање на време е кога ќе го помине и овој рекорд.

Како „шлаг на тортата“ доаѓа фактот што во понеделник, тој ќе се врати на првото место на АТП листата, симнувајќи го Надал.

За Австриецот, но и за другите (по)млади тенисери кои сакаат да ја симнат големата тројка Ѓоковиќ/Надал/Федерер од тронот, ова е уште еден „удар“, покажувајќи дека ветераните не мислат лесно да се предадат. Тим губи второ гренд слем финале, откако лани загуби од Рафа Надал во финалето на Ролан Гарос.