За Ѓоковиќ утрешната победа би била рекордна, седма во Мелбурн, а за Надал втора,
со што би бил првиот што победувал најмалку по двапати на четирите гранслем-турнири

Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал ќе играат во утрешното финале на првиот годинашен тениски гранслем-турнир, Австралија опен во Мелбурн. Ѓоковиќ во полуфиналето експресно го „преслуша“ Французинот Лукас Пуи во три сета со 6-0, 6-2, 6-2 за 83 минути игра. Во првото полуфинале Надал, исто така, во три сета беше подобар од Гркот Стефанос Циципас (6-2, 6-4, 6-0).
– Дефинитивно ова беше еден од најдобрите мечеви што сум ги одиграл досега во кариерата. Сѐ беше како што можев само да посакам, дури и подобро на моменти – изјави Ѓоковиќ, кој има ефект 7-0 во полуфиналињата во Мелбурн, а ги има добиено и сите шест финални дуели.

Дуелот Ѓоковиќ – Надал предизвикува огромно интересирање кај целокупната светска спортска јавност поради неколку работи. Пред сѐ, станува збор за големо ривалство, односно за 52 досега одиграни меча (Ѓоковиќ води со 27-25), зачинето со седум финалиња на гранслем-турнирите, на Ролан Гарос во 2012 и 2014 (2-0 за Надал), во Њујорк во 2010, 2011 и во 2013 (2-1 за Надал), во Мелбурн 2012 (1-0 за Ѓоковиќ), на Вимблдон 2011-та (1-0 за Ѓоковиќ). Последниот нивни епски меч во пет сета во Мелбурн, во 2012-та, траеше рекордни 5,53 часа за едно финале на гранслем-турнирите.

Победникот ќе испише нови страници во историјата на Мелбурн и на тенисот воопшто. За Ѓоковиќ утрешната победа би била рекордна, седма во Мелбурн (со што ќе ги мине Роже Федерер и Рој Емерон, кои имаат по шест). Надал, пак, би го забележал вториот триумф, вкупно 18-ти на гранслем-турнирите, и ќе влезе во тениската историја како прв тенисер што победувал најмалку по двапати на четирите најголеми турнири, во т.н. опен-ера. 


Квитова и Осака играат за трофеј и за број 1 на ВТА-листата

Двократната шампионка од Вимблдон (2011 и 2014) Петра Квитова од Чешка ќе игра против Јапонката Наоми Осака, победничката од Њујорк од лани, во денешното женско финале на тенискиот гранслем-турнир во Мелбурн. За Квитова (28) ова е прво финале на гранслем по 2014-та и прв поголем успех по повредата на левата рака во декември 2016-та. Годинава таа е во серија од 11 победи во низа. Осака (21), пак, е во серија од 13 победи на гранслем-турнирите, по триумфот во Њујорк во септември лани, што најавува голема борба за трофејот, во нивниот прв меѓусебен меч. Победничката од понеделник ќе биде и прворангирана на ВТА-листата. Л.Д.