Станува збор за турнирите во Индијан Велс, Мајами, Монте Карло, Мадрид, Рим, Канада (Монтреал/Торонто), Шангај, Париз и во Синсинати

Србинот Новак Ѓоковиќ (31) ќе биде запишан во историјата на тенисот како прв што победил на сите девет турнири Мастерс 1.000 познати и под називот „Голден мастерс“, кои почнаа да се играат од 1990 година. Станува збор за турнирите во Индијан Велс (пет победи), Мајами (шест), Монте Карло (две), Мадрид (две), Рим (четири), Монтреал/Торонто, Канада, (четири), Шангај (три), Париз (четири) и во Синсинати, како последен, каде што триумфира над Швајцарецот Роџер Федерер, во два сета со 6-4, 6-4. Претходно Ѓоковиќ трипати губеше од Федерер во финалињата во Синсинати со кого има подобар скор во меѓусебните дуели, 24-22. За Ѓоковиќ ова беше 31 триумф на мастерс-турнир, две помалку од рекордните 33 на Рафаел Надал.

– Ова е посебен момент за мене, првпат победувам тука и го кревам пехарот. Неколкуте порази во финалињата ми беа дополнителен притисок, но и своевидна мотивација да дадам сѐ од себе и конечно да победам – изјави по мечот Ѓоковиќ за кого тоа беше 99-ти трофеј во кариерата.

Ѓоковиќ, моментално 10-ти на ранг-листата на АТП, има освоено и 13 гранслем-турнири, последниот во јули на Вимблдон. Пред две години, прв и досега единствен пат, триумфира на Ролан Гарос во Париз и стана првиот тенисер, по Австралиецот Род Лејвер во1969 година, што во ист период е победник на четирите гранслем-турнири.
Победите на турнирите во серијата на Мастерс 1.000 се сметаат за голем успех со оглед на фактот дека се играат во различни земји, во различни временски услови, во сала и на отворено, на различни подлоги. Затоа требаше да минат дури 28 години и 258 одиграни турнири, па еден тенисер (Ѓоковиќ) конечно да биде првиот што победил на сите девет.

Првиот мастерс-триумф Ѓоковиќ го забележа во Монте Карло, во април 2013 и до деветтиот во Синсинати, во август 2018-та, има скор од 323-72 победи и порази.