Во италијанскиот зимски центар првпат се одржа трка за жени во Светскиот куп, на патеката каде што во минатите пет и повеќе децении настапуваа само мажи, а Штухец победи во трка во која разликата од првата до четвртата скијачка беше само шест стотинки

Словенката Илка Штухец (28) победи на спустот во Вал Гардена, осма за неа во кариерата во Светскиот куп (СК) во алпско скијање, прва по 12-месечната пауза поради тешката повреда на лигаментите на левото колено. Наедно Штухец се запиша и во историјата на италијанскиот зимски центар, како прва жена што триумфирала таму. Спустот требаше да се одржи во францускиот Вал д’Изер, но поради немањето снег беше пренасочена за Вал Гардена, на патеката „Саслонг“, каде што во минатите пет и повеќе децении настапуваа само мажи. Штухец победи во возбудлива трка во која разликата од првата до четвртата скијачка беше само шест стотинки.

Штухец беше одлична во сезоната 2016/2017, победи на седум трки, беше најдобра во спуст и во комбинација, а заврши како второпласирана во генералниот поредок. Покрај тоа таа стана и светска првенка во спуст. Но во октомври 2017 година ги скина лигаментите на левото колено, поради што мораше двапати да се оперира и ја пропушти целата сезона 2017/2018, како и Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пјонгчанг, Ј. Кореја. Закрепнувањето траеше долго, а во меѓувреме имаше и некои песимистички прогнози дека кариерата ѝ е завршена што, за нејзина среќа, не се остварија.

– Немам зборови, пресреќна сум, враќањето на снежните патеки траеше долго. Добро скијав, задоволна сум од победата, но мислам дека има уште простор за подобрување. Си поставив многу високи цели кога повторно почнав да скијам. Но, тоа значеше и дека си создадов преголем притисок што не беше добро. Тогаш си помислив, па добро, изгледа работите нема да се одвиваат како што планирам. Затоа одлучив да се фокусирам само на трката што ми претстои – вели Штухец.

Победничката на првите два спуста сезонава, Австријката Никол Шмидхофер, беше 10-та во Вал Гардена. Водечката во Светскиот куп, Американката Микаела Шифрин, не настапи и се одмораше за трките во техничките дисциплини што се нејзина специјалност. Не настапија ниту нејзината сонародничка, Линдзи Вон на која ѝ недостигаат уште четири победи во СК за да се израмни со рекордните 86 на Ингемар Стенмарк, како и повредената, олимписката првенка, Италијанката Софија Гоџија.