Микаела Шифрин

Микаела Шифрин (24) ја забележа 40-та слаломска победа (викендов во Андора) во кариерата во Светскиот куп (СК) во алпско скијање, со што, според бројот на победи во оваа техничка дисциплина, се израмни со легендарниот Швеѓанец Ингемар Стенмарк, кој и понатаму останува рекордер според бројот на вкупни победи во СК, 86. На Стенмарк му беа потребни 13, а на Шифрин девет сезони до 40-те слаломски победи во кариерата.

– Сонот е постигнат, но тоа не значи дека соништата престануваат тука. Тоа и понатаму е истиот сон. Мислам, јас не сум тука само за евиденција или за бројот на победи на трките или само да освојувам кристални глобуси и толку. Во мене сѐ уште има голема страст, сѐ уште има голема мотивација. Сѐ додека ги имам тие работи, ќе продолжам со ист жар, бидејќи го сакам овој спорт – изјави Шифрин за интернет-страницата на Меѓународната скијачка федерација (ФИС).

За Шифрин, која пред неколку дена наполни 24 години, ова беше 16-та победа сезонава, две повеќе од Швајцарката Френи Шнајдер од пред 20 години. Од тоа, осум победи се во слалом (колку и Хрватката Јаница Костелиќ во сезоната 2000/01), по три во велеслалом и во супервелеслалом и две во паралелслалом. На тие 16 победи би требало да се додадат и двете на СП во Оре, Шведска, во слалом и во супервелеслалом.

Американската скијачка го освои шестиот мал кристален глобус по ред во слалом за вкупна победа во сезоната, со рекордни 1.160 поени, а претходно ја обезбеди титулата за вкупна победничка во Светскиот куп, трета сезона по ред, како и во супервелеслалом. Шифрин има шанса за триумф и во велеслалом, што би бил четврти „кристален глобус“ за неа.

Таа веќе освои 2.104 поени (пред велеслаломот вчера), што е втор најдобар ефект во историјата на СП, зад Словенката Тина Мазе, со 2.414 поени во сезоната 2012/2013. Шифрин на само 24 години веќе има 59 победи во СК. Пред неа (изземајќи го Стенмарк и Марсел Хиршер со 67, кај мажите) се само нејзината сонародничка Линдзи Вон со 82, од кои 19 на возраста на која сега е Шифрин, и Австријката Анемари Мозер-Прел, која забележа 62 победи.