И двајцата на половина од сезонава во алпско скијање од наградите од трките заработија повеќе од следните три скијачки на листите заедно

На половина од сезоната во Светскиот куп (СК) во алпско скијање (заклучно со саботата), убедливо водат Американката Микаела Шифрин (1.394 поени, 496 повеќе од најблиската конкурентка) и Австриецот Марсел Хиршер (976 поени, 405 повеќе), а со тоа тие се и најплатени скијачи сезонава според освоените награди од трките, според податоците на Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Сезонава Шифрин има десет, а Хиршер девет победи во СК.

Така, Шифрин досега заработи 564.659 франци, а Хиршер 409.700 франци. Заработката на Шифрин е речиси поголема од заедничката заработка на следните три на таа листа – Петра Влхова од Словачка (315.832 франци), Никол Шмидхофер од Австрија (132.350) и Илка Штухец од Словенија (129.400).

Хиршер, пак, доби парични награди колку следните тројца вкупно на машката листа, со заработка од трките во СК – Марко Шварц од Австрија (127.900), Макс Франц од Австрија (121.270 франци) и Доминик Парис од Италија (102.533).

И во двете минати сезони Шифрин и Хиршер победија и во паричната трка (Американката со 702.774 и со 597.692 франци, а Австриецот со 669.681, односно со 528.878 франци).

На листата со освоени парични награди од трките во СК сезонава досега има 116 скијачки (111-та заработила 150 франци) и 144 скијачи (166).