Американката ја забележа 10-та победа сезонава, а рекордот во една сезона е на Швајцарката Шнајдер, која пред 20 години забележа 14

Она што е Австриецот Марсел Хиршер (67 победи) во машкото, тоа е Американката Микаела Шифрин во женското скијање во Светскиот куп (СК). Шифрин (23) победи на велеслаломската трка во италијански Кронплац, 10-та за неа сезонава (лани имаше 12), вкупно 53-та во кариерата. Таа е на добар пат да ја достигне Швајцарката Френи Шнајдер, која во сезоната 1988/1989 победи на 14 трки (Линдзи Вон имаше 12 во 2011/2012).

Шифрин, која триумфира на осум од последните 11 трки, е на само две победи зад Шнајдер (55) во СК, а сезонава би требало да настапи на уште десетина трки. Повеќе победи во СК од Шнајдер и од Шифрин имаат само две скијачки, Американката Линдзи Вон (82 триумфа) и Австријката Анемари Мозер Прел (63 победи). Вкупен рекордер е Швеѓанецот Ингемар Стенмарк, со 86 победи во СК.

Ако продолжи со вакво темпо, Шифрин ќе ги помине Шнајдер, Мозер-Прел, Вон, па и Стенмарк, имајќи предвид дека има само 23 години, возраст на која Вон, на пример, имаше забележано само 13 победи. Шифрин е водечка во слалом (760 поени), во велеслалом (355) и во генералниот поредок со 1.394 поени (496 повеќе од второпласираната Петра Влхова од Словачка) и е пред освојување на третата титула вкупен победник во СК. Рекордерка според бројот на поени во една сезона е Словенката Тина Мазе со 2.414.

Деновиве треба да се одржат два спуста и една супервелеслаломска трка во Кортина Д‘Ампецо. Шифрин ќе вози само супервелеслалом и ќе ги пропушти трките во спуст, на кои се очекува првпат сезонава да настапи Вон, која закрепна по повредата на коленото во ноември лани.