Од ланското ЕП во Скопје во забрзан и брз шах Фото: Дарко Андоновски

Поради силната конкуренција, сепак се надевам дека на крајот ќе завршам меѓу првите 100 на ова ЕП, а главна цел ми е да ја освојам првата велемајсторска норма, вели надежниот македонски ИМ Никола Николовски

Со чинот на свеченото отворање, закажан за утре во 19 часот во хотелот „Хилтон“ во Скопје и официјално ќе започне 20-то јубилејно Европско поединечно првенство (ЕП) во шах, кое ќе трае до 29 март. Првото од предвидените 11 натпреварувачки кола (швајцарски систем), ќе започне в понеделник во 15 часот, а единствениот слободен ден е по 5-то коло. На два дена пред вклучувањето на шаховските часовници, пријавени беа вкупно 363 учесници (145 ВМ) од 43 држави, од кои најмногу се Русија (49). Наградниот фонд изнесува 100.000 евра, од кои првопласираниот ќе биде побогат за 20.000 евра, вториот 15.000, третиот 10.000, додека последниот награден на 20-та позиција ќе добие 1.000 евра, а ќе има и неколку специјални награди.
Боите на Македонија, засега (пријавувањето е до недела), ќе ги бранат 23 шахисти, од кои само двајца со највисоката шаховска титула, Кирил Георгиев (2.595, рангиран 75-ти) и Александар Чоловиќ (2.449, рангиран 179-ти)..

– За ова ЕП се подготвував долго време и очекувам да биде интересен турнир, каде што секоја одиграна партија би била со силен противник, бидејќи речиси нема да има слаби шахисти. Поради силната конкуренција, сепак се надевам дека на крајот ќе завршам меѓу првите 100 на турнирот, а главна цел ми е да ја освојам првата велемајсторска норма. Се надевам дека и ќе успеам во таа моја намера – вели надежниот шахист на Гамбит Асеко СЕЕ и македонски репрезентативец, ИМ Никола Николовски.

На последното ЕП во Грузија, лани, настапија вкупно 302 учесници, а бројот на ВМ изнесуваше 135, а ова во Скопје е петто според неговата масовност. Прворангиран на ЕП е актуелниот европски првак во забрзан шах од ланското ЕП во Скопје, Русинот Владислав Артемиев (2.736 рејтинг-поени, а моментно 21-ви во светот), а има уште петмина шахисти со рејтинг над 2.700. Тоа се Русите, Евгениј Томашевски, Данил Дубов, Белорусинот Владислав Коваленко, Хрватот Иван Шариќ и Азербејџанецот Рауф Мамедов. Досега никој не се искачил двапати на европскиот трон.


Наjголеми шаховски манифестации во Македонија
1972 г. – 20. Шаховска олимпијада – Скопје
1984 г. – 6. Балканијада – Скопје
2001 г. – 2. Поединечно ЕП – Охрид
2009 г. – 25. Европски клупски куп – Охрид
2015 г. – 31. Европски клупски куп – Скопје
2018 г. – 61. СП во проблемsски шaх – Охрид
2018 г. – ЕП во забрзан и брз шах – Скопје
2019 г. – 20. Поединечно ЕП – Скопје

Досегашни европски прваци
2000 г. Павел Трегубов (Русија)
2001 г. Емил Сутовски (Израел)
2002 г. Бартломеј Мачиеја (Полска)
2003 г. Зураб Азмајпарашвили (Грузија)
2004 г. Василиј Иванчук (Украина)
2005 г. Дитер – Ливиу Нисипеану (Романија)
2006 г. Зденко Кожул (Хрватска)
2007 г. Владислав Ткачиев (Франција)
2008 г. Сергеј Тивијаков (Холандија)
2009 г. Евгениј Томашевски (Русија)
2010 г. Јан Непомнијашчи (Русија)
2011 г. Владимир Поткин (Русија)
2012 г. Дмитри Јаковенко (Русија)
2013 г. Александар Моисенко (Украина)
2014 г. Александар Мотилев (Русија)
2015 г. Евгениј Најер (Русија)
2016 г. Ернесто Инаркиев (Русија)
2017 г. Максим Матлаков (Русија)
2018 г. Иван Шариќ (Хрватска)
2019 в ?