Ивана Манова

Подмладената машка шаховска репрезентација на Македонија го доживеа и вториот пораз на 23. Европско екипно првенство (ЕП), кое во девет кола се одржува во Терме Чатеж (Словенија). Во 2-то коло, загубиja од Шведска со 1-3. На првата табла, половина поен за Македонија освои интернационалниот мајстор ИМ Филип Панчевски (2.490) против велемајсторот (ВМ) Хиларп Персон (2.528), и на четвртата, дебитантот Филип Михов (2.255), против ИМ Јунг Сео (2.455). Пораз доживеаја (ИМ) Никола Николовски (2.401), од ВМ Ерик Бломквист (2.542) и Емил Ристески (2.315) од ИМ Линус Јохансон (2.479).

И македонските шахистки (рангирани 31-ви), по службениот прв освоен бод во 1-то коло, во 2-то минимално загубија со 1,5-2,5 од репрезентацијата на Италија (рангирана 13-та). Цел поен освои младата Ивана Манова (1.809), која на четвртата табла со црни фигури го надигра квалитетниот ЖИМ Даниела Мовилеану (2.214), а на првата табла ЖФМ Моника Стојковска (2.066) ремизираше со силниот ИМ Маринела Брунело (2.359). Загубија Бојана Бејатовиќ (2.031) од ИМ Елина Седина (2.263) и Драгана Николовска (1.877) од ЖИМ Теа Гуеци (2.242).

По две одиграни кола, македонските шахисти со два пораза (два поена по табли) се на 36-то место во конкуренција на 39 селекции, додека шахистките се на 23-то место со еден бод (3,5 поени по табли), меѓу 31-на репрезентација. Во утрешното 3-то коло, шахистите ќе играат со втората селекција на Словенија (рангирана 34-та), а ист противник добија и македонските шахистките, втората селекција на Словенија (рангирана 26-та).

На ЕП 2021 се пријавени 39 репрезентации со 193 шахисти (127 ВМ, 37 ИМ), а кај шахистките 31 држава со 154 шахистки (11 ВМ, 23 ЖВМ). Русија (мажи и жени), која ќе го брани златото е рангирана на првото место.

Г.И.