Актуелниот шампион на Ролан Гарос во игра на двојки, Кевин Кравиц, по суспензијата на тенисот поради коронавирусот, времето го поминува работејќи во супермаркет. За Германецот тоа беше прв гранслем во неговата кариера. Пред една година, тој и Андреас Мис ги совладаа Жереми Шарди и Фабрис Мартан со 2-0 во сетови и освоија вкупно 590.000 евра.

– Веќе неколку недели работам во супермаркет за 450 евра. Уште претходно планирав да работам некое време. Коронавирусот ми даде можност да го постигнам тоа. Некои мои колеги стануваат во пет часот наутро и до 5.30 часот треба да ги наполнат полиците со храна. На овој начин научив да имам поголема емпатија – вели Кравиц во интервјуто за германски „Дер шпигел“.

Кравиц (28) лани освои уште две титули во комбинација со Мис.
– Во текот на мојот живот имав луксуз да го претворам моето хоби во бизнис. Тренирам три или четири пати неделно. Купив ролерки, па се движам со нив – вели тенисерот од Минхен, кој лани освои и четири челенџ-турнири и вкупно над 600.000 долари, а користи државна специјална дозвола за да може да тренира.