Сезоната во брзински автомобилизам на кружни патеки, се отвора викендов со првата трка од Шампионатот за 2018 година, ќе се вози на патеката во Кичево, со што авто трките по подолг период се враќаат во домашниот календар.

-Викендов  на автодромот во Кичево, со првиот натпревар од Шампионатот во брзинскиот автомобилизам на кружни патеки за 2018 година, стартува новата сезона. За неделниот натпревар се очекуваат над 25 учесници од десетина клубови од земјава. Автомобилите ќе бидат поделени во шест класи и тоа, во класа 1 до 1.150 кубни сантиметри, класа 2 до 1.400, класа 3 до 1.600, класа 4 до 2.000, класа 5 за возила во категорија од 1.600 до 2.000 сантиметри кубни Н, СП и во класа 6 над 2.000 сантиметри кубни класа Х4 и А4.

Според програмата во сабота во 13 часот ќе се одржи официјалниот тренинг за стартни броеви, додека во недела во 10,30 часот е слободниот тренинг, час подоцна  11 и 30 е свеченото отворање на натпреварот, додека во 12 часот е официјалниот старт на трките. Покрај првиот годинешен натпревар, во оваа сезона преостануваат уште три натпревари и тоа вториот на почетокот на септември на истата патека во Кичево, додека преостанатите два натпревари ќе се одржат кон крајот на септември и почетокот на октомври во главниот град- истакнаа од Автомобилската федерација на Македонија.

Во оние класи каде што има помал број возачи ќе бидат споени во дивизии, а по традиција најбројна е класа 1 до 1.150 см. кубни.

Технички организатор на овие трки е клубот АКК Примо АВЈ од Скопје.

З.А.