Викендов во Скопје ќе се одржи четвртиот Меѓународен натпревар во уметничко лизгање „Скопје на мраз“. Во петок и во сабота на лизгалиштето во СЦ „Борис Трајковски“, љубителите на овој спорт ќе можат да уживаат во уметноста на мразот што ќе ја донесат речиси сто натпреварувачи, од кои седумдесетина доаѓаат од странство. Во склоп на овој натпревар по четврти пат ќе бидат прогласени националните прваци во уметничко лизгање.

Натпреварот ќе се реализира во вкупно седум категории, и тоа три категории во рамките на националниот натпревар (сениори, јуниори и младинци) и седум категории во меѓународниот натпревар (дополнителни категории: кадети А, кадети Б, кадети Ц и интерпретации). Настанот започнува во петок во 17.30 часот, кога ќе се одржат службените тренинзи, извлекувањето на редните броеви за настап и натпреварите во интерпретации. Во сабота пак, натпреварувачкиот дел ќе трае од 8 до 18 часот, по што ќе следува доделувањето медали и дипломи.

Организатор на „Скопје на мраз“ е Федерацијата за лизгачки спортови на Македонија, која е формирана во 2013 година.

Уметничкото лизгање е млад спорт во нашата држава, со оглед што услови за тренинзи се создадоа со отворањето на лизгалиштето во СЦ „Борис Трајковски“ во 2011 година. Со него активно се занимаваат околу 20 спортисти од земјава, кои секоја година учествуваат на неколку европски натпреварувања, како и на јуниорското Гран при во уметничко лизгање.

Федерацијата за лизгачки спортови со одржувањето на „Скопје на мраз“ се обидува да го популаризира овој спорт, особено меѓу најмладите. Влезот за сите посетители на двата натпреварувачки дена е слободен.