Њујорк јенкис постави нов рекорд на американската бејзбол-лига (МЛБ) со 28 натпревари во низа со остварен т.н. хоумран (освоени поени кога удирачот го испраќа топчето далеку на трибините од спротивната страна од местото од каде што го удира топчето). Претходниот рекорд беше од 2002 година, на Тексас ренџерс.

Тимот го оствари тоа во победата над Торонто со 4-3, во која беа постигнати два единечни хоумрана (без други играчи на т.н. бази). Но следниот ден Њујорк јенкис го зголеми рекордот на 29 меча во низа, во победата над истиот тим со 8-7, на домашен терен (со два хоумрана). Серијата почна на 25 мај и оттогаш 14 играчи остварија хоумран.

Во следниот меч Њујорк игра со Бостон ред сокс во Лондон, во првиот натпревар од МЛБ-лигата што ќе се игра во Европа. Предвидени се две средби помеѓу двата тима, на Олимпискиот стадион во Лондон, на вештачка трева. Според информациите, сите влезници (вкупно околу 120.000) биле распродадени уште во декември, за само 45 минути од почетокот на продажбата.