Марсел Хиршер

Австриецот Марсел Хиршер (30), седумкратниот светски првак (од 2013 до 2019 година) и двократен олимписки шампион (во Пјонгчанг во 2018 година), еден од најдобрите алпски скијачи на сите времиња, реши да се пензионира. Со тоа се оствари неговата најголема желба, да се повлече како шампион.

Хиршер, кој ланската сезона осми, рекорден пат, победи во Светскиот куп (СК) на прес-конференцијата што ја пренесуваше австриската телевизија рече дека му треба сѐ повеќе време за да закрепне, додавајќи „ова е денот кога ја прекинувам активната кариера. Отсекогаш сакав да се повлечам додека победувам на трките. Повеќе не сум подготвен да ја плаќам високата цена на успехот“.
Хиршер со осумте триумфи во СК во генерален пласман (од 2012 до 2019-та), плус по шест во слалом и во велеслалом, е најуспешниот скијач во историјата во оваа категорија. Хиршер почнал да скија на двегодишна возраст под надзор на неговиот татко Фердинанд, кој го тренирал во текот на целата кариера. Хиршер е познат и по тоа што е еден од скијачите што најнапорно тренира, податок што најверојатно го поштеди од поголеми повреди во кариерата.

– Сакам да можам да играм фудбал со моето дете, сакам да возам мото-крос, сакам да одам на пешачење по планините. Сега ќе можам да ги правам сиве овие работи – вели Хиршер.
Пензионирањето Хиршер го најави во март, кога ја доведе во прашање сопствената мотивација да брка сѐ повеќе титули. Откако се ожени со долгогодишната девојка, Лаура Мојзл, и стана татко лани, Хиршер рече дека „сините и црвените не се најважните работи во животот“, асоцирајќи на боите на портите во слаломските трки.
– Многу луѓе не ме сфатија сериозно кога говорев оти размислувам за пензија – рече Хиршер, додавајќи дека има многу потенцијални проекти на кои би можел да почне да работи.

Хиршер има 67 победи на 245 трки во СК. Тој доминираше долго и ќе се памети како еден од најдобрите на сите времиња. Повеќе победи во СК од него имаат само Швеѓанецот Ингемар Стенмарк (86 победи) и Американката Линдзи Вон (82 триумфа). Хиршер освои 14 медали на големите натпреварувања, меѓу кои девет се златни.
– Реалноста стана поголема од моите соништа кога почнав да скијам како дете – рече Хиршер.