Луис Хамилтон утре (20.10 часот) на трката за големата награда на Мексико може да ја обезбеди шестата титула светски првак во Формула 1. Британецот, сепак, не зависи само од својот резултат, туку и од тој на клупскиот колега од Мерцедес, Валтери Ботас.

Според пресметките, објавени на официјалната интернет-страница на Ф1, Хамилтон со прво место и со поен за најбрз круг ќе ја освои титулата, ако Ботас биде најмногу четврти. Само со прво место, Хамилтон ќе го грабне трофејот ако Ботас биде петти. Постојат и други комбинации, во кои Хамилтон со второ место ќе слави ако Ботас биде осми или деветти (во зависност од дополнителниот поен за најбрз круг), ако Британецот биде трет тогаш Финецот треба да биде деветти или десетти итн.

Трката во Мексико е 18-та сезонава, а потоа следуваат уште тие во САД (3 ноември), Бразил (17 ноември) и во ОАЕ (1 декември). По 17 трки води Хамилтон со 338 поени, Ботас има 64 помалку, а во игра од преостанатите четири трки се 104 бода. На третото место е Чарлс Леклерк од Монако со 223, потоа се Макс Ферстапен од Холандија и Себастијан Фетел од Германија со по 212 итн. Кај тимовите, Мерцедес ја освои титулата на претходната трка.

На листата со титули води Германецот Михаел Шумахер со седум, а на делба на второто место со по пет трофеи се Хамилтон и Аргентинецот Хуан Мануел Фанџо.


ПЛАСМАН, ВОЗАЧИ

Луис Хамилтон 338
Валтери Ботас 274
Чарлс Леклерк 223
Макс Ферстапен 212
Себастијан Фетел 212