До почетокот на сезоната може да биде воведено правило за дополнителен еден бод за возачот со најбрз круг, кое важеше од 1950 до 1959 година, а во 1958 година беше решавачко за титулата

Светскиот совет за мотоспорт на Светската автомобилска федерација (ФИА) ги одобри плановите за дополнителен бод во првенството на Формула 1, за возачот што извозел најбрз круг, и тоа почнувајќи од првата трка сезонава, идниот викенд во Мелбурн (Австралија). Ова би било враќање на правилото што било употребувано во текот на првите десет години од Светското првенство, од 1950 до 1959 година.

Иницијативата сега треба да биде усвоена со електронско гласање на комисијата за Формула 1, за таа да може да биде додадена во правилата пред првата трка сезонава.

Дополнителниот бод за најбрз круг бил клучен титулата во првенството на возачи во 1958 година, кога Мајк Хоторн го помина Стирлинг Мос за еден бод, поставувајќи во текот на сезоната два најбрзи круга повеќе од неговиот конкурент. Ако ова правило важеше во 2008 година, Фелипе Маса ќе го победеше Луис Хамилтон во трката за титулата, иако ова е условно, оти во тоа време возачите не се натпреваруваа за извозување најбрз круг. Тоа првенство е единственото од 2000 година кога поради најбрзи кругови би имало друг првак.

Слични правила има во Формула Е, каде што дополнителниот бод се доделува само ако тој возач биде пласиран меѓу најдобрите 10 во таа трка.