Со доделувањето на медалите на најдобрите пингпонгари од претседателот на Пингпонгарската федерација на Македонија (ППФМ), Горан Тиловски, викендов во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје заврши досега најголемото пингпонгарско натпреварување во Македонија, ИТТФ-турнирот за млади. Учествуваа повеќе од 100 натпреварувачи од 18 земји.

На последниот петти ден, кај јуниорите (поединечно), златото им припадна на Теодор Истрате (Романија), Радмила Томињак (Србија), а кај кадетите (поединечно) Пол Жилаги (Романија) и Бјанка Меи Росу (Романија). Во јуниорска конкуренција (двојки) најуспешни се Хрватите, а кај јуниорките доминираше Србија. Кај кадетите и кадетките во двојки златото замина во Романија.

На состанокот што го одржаа балканските држави, за време на турнирот, беше формирана Балканската лига за кадети и за јуниори. Првите натпревари во ова натпреварување е предвидено да се одржат во ноември во Приштина.