АД ЕСМ денес потпиша договори за финансиска поддршка на спортски клубови од Битола по основ на т.н. спортски ваучер систем.

Со потпишувањето на договорите РК Пелистер ќе добие 8,5 милиони денари, КК Пелистер 2,5 милиони денари, ФК Пелистер поддршка од 1 милион денари, ЖРК Пелистер 750.000 денари. Поддршка врз основа на спонзорства и донации ќе добијат и кугларскиот клуб Пелистер и женскиот фудбалски клуб Топ гол.

– Општествената одговорност на АД ЕСМ се одразува и во овие наши активности за кои годинава предвидени се над 25 милиони денари за поддршка на спортски клубови од цела држава. Најголем дел од средствата, секако,се наменети за битолските клубови заради фактот што тука се наоѓа нашиот најголем производствен капацитет – РЕК Битола – истакна генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски по потпишувањето на договорите.

Според Ковачевски законот за даночно олеснување или т.н. „спортски ваучери“ е одлична можност за стимулација на стопанските субјекти да го пронајдат сопствениот интерес за инвестирање во спортот. Тој ги повика останатите компании во Битола да го следат чекорот на државните електрани.

Инаку Законот овозможува дел од данокот на добивка, компаниите да го вложуваат во спортот, наместо да ги платат парите во државната каса.

– Интерес на АД ЕСМ е стабилни спортски клубови кои ќе придонесат за развој на спортот генерално во земјата, а со тоа здрави генерации на млади луѓе и деца кои ќе спортуваат – заклучи генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски. М.М.