Чекаме одговорот на нашето ургентно писмо до ФИНА, а во меѓувреме ќе сториме сѐ и покрај ваквата ситуација, македонското пливање да не трпи, ќе ги извршуваме и сите тековни активности според планот и програмата на федерацијата, рече Александар Филипчев, претседател на НПФ

Оптимист сум и верувам дека овие недоразбирања со старото раководство на Пливачката федерација на Македонија, брзо ќе бидат надминати оти сите аргументи се на наша страна и не гледам дека во иднина ќе имаме проблеми. Сигурен сум дека ФИНА била во заблуда од информациите што ги добивала од поранешниот претседател на федерацијата, Александар Маленко, дека наводно постојат две паралелни пливачки федерации во Македонија. Во статутот на ФИНА се вели дека таа ги спроведува одлуките што се донесени во матичните држави, вели актуелниот претседател на Националната пливачка федерација (НПФ), Александар Филипчев.

На 24 април на вонредното собрание на Пливачката федерација на Македонија, дотогашниот претседател Маленко бил разрешен, избрано било ново раководство на чие чело застанал Филипчев, а федерацијата се преименувала во Национална пливачка федерација. На 9 јуни таа добила решение од Централниот регистар дека е заверена како важечка федерација. Според Маленко, федерацијата е преименувана во Пливачка федерација на Северна Македонија и ФИНА му го признава неговиот постоен легитимитет.

– Вчера телефонски се обидовме да стапиме во контакт и со извршниот директор на ФИНА, Корнел Маркулеску, и лично да го известиме за актуелните состојби во македонското пливање, но бил службено отсутен. Истовремено го чекаме одговорот на нашето ургентно писмо проследено до ФИНА, со кое во целост информираме кои се вистинските факти и кој е легитимен претставник на федерацијата кај нас, дека нема две паралелни федерации. Очекуваме набргу да добиеме и позитивен одговор од нивна страна – вели Филипчев.

НПФ и покрај новонастанатите проблеми, ќе стори сѐ македонското пливање да не трпи до целосното решавање на постојниот проблем.

– Во меѓувреме ќе сториме сѐ и покрај ваквата ситуација, македонското пливање да не трпи. Најдобрите македонски пливачи, кои патем и имаат обезбедено А-норма, по двајца во машка и во женска конкуренција, како и еден тренер и делегат, ќе настапат на Светското првенство во Јужна Кореја, а на Европското младинско во Казањ, Русија, Македонија ќе ја претставува една пливачка. Продолжуваме и со активностите околу организацијата на Охридскиот гранпри-маратон во рамките на ФИНА, како и на маратонот на 10 км во Охрид во рамките на Светскиот куп, а ќе ги извршуваме и сите тековни активности според планот и програмата на федерацијата – рече Филипчев.