Бранителот на трофејот, Швајцарецот Роже Федерер, е елиминиран од тенискиот гранслем-турнир Австралија опен, откако вчера загуби од Стефанос Циципас од Грција, со 7-6, 6-7, 5-7, 6-7. Пораз по добиен прв сет е реткост за Федерер, во такви ситуации имаше скор 87-2, по елиминациите во минатото од Марат Сафин во 2005 година и од Рафаел Надал во 2012-та, пишуваат светски медиуми.

Федерер можеби и не е толку славен и познат како што се мисли, бидејќи на тенискиот турнир во Мелбурн и тој мора да ја носи идентификациската картичка каде и да оди. Во едно видео што се појави деновиве се гледа како Федерер бил запрен од чуварот во ходникот пред соблекувалната, што предизвика мешавина од смеа и забава. На тоа видео се гледа како чуварот го потсетува Федерер дека му недостига задолжителната акредитација. Федерер не покажал никаква нервоза, стрпливо почекал да пристигнат луѓето од неговата придружба, по што му било дозволено да влезе во соблекувалната.