Британскиот атлетичар Мо Фара (36) шести пат победи на „Големата трка на северот“ најголема полумаратонска трка во Велика Британија и во светот (годинава околу 57.000 учесници), со време 59,07 минути, што е негов личен рекорд. Кенијката Бригид Косгеи, пак, која победи на Лондонскиот маратон во април годинава, постави нов светски рекорд за жени со време еден час, четири минути и 28 секунди.

Фара, двократен олимписки шампион во трките на 5.000 и на 10.000 метри (на Игрите во 2012 година во Лондон и во 2016 година во Рио де Жанеиро) рече дека трката е добра подготовка за маратонот во Чикаго на 13 октомври, со Летните олимписки игри во Токио во 2020 година на хоризонтот.

– Навистина уживав, но изминатите неколку години се подготовки за маратонот. Добро беше да се тестирам. Работите изгледаат добро и јас сум среќен за победата. Токио е дефинитивно во плановите, како спортист секогаш сакате да ја претставувате својата земја – рече Фара за Би-би-си.