Сајмон Јејтс

Германецот Паскал Акерман беше најбрз во спринтот од втората етапа на 102-то издание на велосипедската трка Џиро д’Италија, во деби-настапот. Во генералниот поредок, по двете етапи, води Словенецот Примож Роглич, пред Британецот Сајмон Јејтс и двократниот победник на Џиро (во 2013 и 2016-та), Италијанецот Винченцо Нибали.

Јејтс, кој лани водеше во поголемиот дел од Џиро (две недели и 13 етапи) и практично ја загуби трката во претпоследната, 19-та етапа (од Крис Фрум, кој не вози годинава на Џиро), потоа победи на шпанската Вуелта, важи за еден од главните фаворити, покрај Роглич, Нибали, Мигел Анхел Лопез и Томас Думулан за триумф.

– Бев многу блиску до победа лани. Бев разочаран поради мене и поради колегите од тимот, кои сторија се за да ми помогнат. Лекцијата ја научив на Вуелта, победив, знам како изгледа тоа и што е потребно. Заборавив што се случуваше лани, концентриран сум на трката и ќе сторам сѐ што е до мене да победам – изјави Јејтс (26).

Трката што започна во саботата во Болоња, ќе трае до недела, 2 јуни, со финиш во Верона. Велосипедистите ќе треба да извозат 21 етапа во вкупна должина од 3.518 км.