Александар Гришчук

Рускиот велемајстор (ВМ) Александар Гришчук (36) победи на третиот од предвидените четири гранпри-турнири, во Хамбург, и со тоа си обезбеди настап на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак во шах, кој треба да се одржи во Екатеринбург, Русија (од 15 март 2020 година). Остануваат уште тројца шахисти со можност да се квалификуваат за уште едно место преку оваа серија (следниот турнир е во Ерусалим), а тоа се Французинот Максим Вашер-Лаграв, Азербејџанецот Шахријар Мамеѓаров и Русинот Јан Непомнијашчи, кои се од второто до четвртото место на вкупната листа. На Турнирот на кандидатите, за кој ќе има и шахист со покана, претходно се квалификуваа Американецот Фабијано Каруана (како последен предизвикувач на светскиот првак Карлсен), Кинезот Динг Лирен, Азербејџанецот Тимур Раџабов (финалистот и победникот на Светскиот куп) и Кинезот Ванг Хао (победник на турнирот во Англија), а тоа може да го стори и Холанѓанецот Аниш Гири, кој сега води на листата од која ќе се квалификува еден шахист според рејтингот, од играчите што претходно не се пласирале на турнирот.