Утре (1 јули) во Лондон започнува 133. издание на најстариот тенискиот турнир Вимблдон, кој важи и за неофицијално светско првенство. Во наредните две седмици, најдобрите светски тенисери и тенисерки ќе се обидат да триумфираат во некоја од петте категории: машка, женска, игра во двојки и микс двојки.

Главен фаворит за освојување на третиот овогодишен Гренд Слем турнир е минатогодишниот победник, Србинот Новак Ѓоковиќ, а после него најмногу шанси му се даваат на Швајцарецот Роџер Федерер. Со оваа прогноза се согласуваат и поранешните тениски асови, сега во улога на стручни коментатори на телевизијата „Евроспорт“, Матс Виландер и Џон Мекинро, иако Мекинро укажува и на можни изненадувања, особено во првата седмица од турнирот, кога некој од фаворитите може да биде елиминиран од послабо рангиран тенисер. Мекинро мисли пред сѐ на тенисерите од САД, кои се познати по силните сервиси, што на брза подлога каква е тревата, можат да бидат проблем за совладување од страна на најдобрите.

После петмесечно отсутство од терените поради повреда на колкот, на Вимблдон се враќа и домашниот миленик Енди Мареј, кој најави и можна игра во двојки со Американката Серена Вилијамс, додека на еден ден пред почеток на турнирот, своето учество, поради повреда на грбот, го откажа 14-рангираниот, Хрватот Борна Чориќ.

Во женска конкуренција, минатогодишната победничка Анѓелика Кербер, не важи и за овогодишна фаворитка и во прогнозите пред неа поголеми шанси им се даваат на прворангираната Австралијанката Ешли Барти, Серена Вилиамс и Петра Квитова од Чешка иако во женска конкуренција изненадувањата се многу поверојатни од машка.

Паричната награда годинава изнесува 38 милиони фунти и е за околу 12 проценти зголемена во однос на минатогодишните 34 милиони фунти. Победниците во машка и женска категорија ќе добијат по 2,35 милиони фунти што е за сто илјади фунти повеќе во однос на 2018 година.